• недела, 01 септември 2024

Стано: Последните еднострани акции на Приштина на север ризикуваат натамошна ескалација

Стано: Последните еднострани акции на Приштина на север ризикуваат натамошна ескалација

Белград, 31 август 2024 (МИА) - Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, по повод вчерашниот упад на косовската полиција во зградите на „Привремените органи на Владата на Србија во општините на северот на Косово и Метохија“, изјави дека последните еднострани и некоординирани чекори на властите во Приштина на северот ризикуваат натамошна ескалација, јави дописникот на  МИА од Белград.

Стано на мрежата Х ја сподели изјавата на Делегацијата на ЕУ во Приштина, во која се посочува дека ЕУ е разочарана од континуираната некоординација на Приштина со меѓународните партнери, како и дека акцијата на косовската полиција против канцелариите кои се поддржани од Србија во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот.

Како што се наведува во соопштението на делегацијата на ЕУ во Приштина, ЕУЛЕКС веднаш добил задача да го надгледува извршувањето на оваа операција, која не била координирана со ЕУ и меѓународните партнери.

Делегацијата на ЕУ во Приштина потсетува дека Приштина се обврзала на деескалација, како и дека Унијата постојано ја повикува Приштина да избегнува какви било дејствија што може негативно да влијаат на безбедноста на луѓето на теренот, но дека Приштина ги игнорира тие повици.

-ЕУ сака да повтори дека сегашната полициска операција против канцелариите поддржани од Србија може да доведе до понатамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација, се вели во соопштението, во кое се додава дека прашањето за канцелариите поддржани од Србија се очекува да се реши во рамките на дијалогот што го води ЕУ.об/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан