• недела, 26 мај 2024

Ставена во функција метеоролошката станица во Карбинци

Ставена во функција метеоролошката станица во Карбинци

Карбинци, 11 март 2024 (МИА) - Метеоролошката станица во Општина Карбинци е ставена во функцијата. Таа се наоѓа зад зградата на училиштето „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека станицата подолго време не била во функција, но во координација со Центарот за развој на Источно плански регион ја враќа во функција. Тој изјави дека е склучен договор со добавувач, кој ќе се грижи за одржување на станицата, а со тоа ќе се помогне на земјоделците.

- Општина Карбинци во соработка со Источно плански регион склучивме нов договор кој ќе значи оспособување на хидрометеоролошките станици кои во минатото беа поставени и на териториите во општините од Истокот. Она што е важно за земјоделците е дека веќе почнува со функционирање оваа метеоролошка станица, вели Паунов.

Карбинскиот градоначалник, Паунов додава дека населението во општината егзистира пред сè од земјоделство и сточарство сите параметри ќе бидат достапни на земјоделците на електронска апликација, која може да се симне на мобилните телефони. Лесна е за користење и може да ја следат сите земјоделци.

- По пат на електронската апликација која е достапна на мобилните уреди ќе може да ги следат сите параметри, кои се нудат од оваа метеоролошка станица, како што се врнежи од дожд, количество на наврнат дожд, ветрови, откривање на болести на потенцијални болести на земјоделските култури, ув индексот и многу други параметри кои се важни за земјоделците. Навистина направивме напори да биде оспособен овој уред затоа што и те како е важно особено за Општина Карбинци, рече Паунов.

Сумата која ќе се одвои од општината за метеоролошката станица да биде функционална е скромна и тоа на годишно ниво, па Паунов е дециден дека општината може да си дозволи за да и помогне на земјоделците. вдј/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан