• недела, 22 декември 2024

Средба на Стоилковиќ со просветни работници кои предаваат на босански јазик, по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Средба на Стоилковиќ со просветни работници кои предаваат на босански јазик, по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ по повод 28 септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, остварил средба со група просветни работници од земјава, кои предаваат на босански јазик.

Како што соопштуваат од Кабинетот на Стоилковиќ, на средбата присуствувале и директорот на Управата за унапредување на образованието на јазиците на заедниците Мирослав Тричковиќ и советникот за босански јазик при Управата Исмаил Демировиќ.

Оттаму посочуваат дека средбата се одржала во конструктивна атмосфера, а биле разменети мислења и ставови за актуелните состојби кои се однесуваат на етничките заедници во земјава, со фокус на подобрување на нивната положба и ширење на мултиетничкиот дух. 

Стоилковиќ упатувајќи пригодна честитка до сите Бошњаци кои живеат во земјава, ветил дека ќе се потруди во идинина, а согласно средствата со кои ќе располага Министерството за односи меѓу заедниците во Буџетот за 2025 година, и тие, како и сите етнички заедници да имаат рамноправен пристап до нив.

-Мораме да го шириме мултиетничкиот дух, ова е идеална можност да се зачуваме, овде живееме сите и затоа во мене, пред сѐ, ќе имате секогаш пријател, посочил Стоилковиќ.

Изразувајќи го огромното задоволство што од постоењето на Министерството ова е прва средба со претставници на бошњачката заедница, просветните работници ветиле дека преку лилјанот како национален симбол на Бошњаците и Правописниот прирачник на босански, хрватски и српски јазик со основи на граматика заеднички ќе се заложат културата на помалите етнички заедници да се издигне на повисоко ниво, стои во соопштението. 

Соговорниците на крајот од средбата се согласиле дека ова е само прв чекор, со единствена цел унапредување на положбата на помалите заедници кон подобри резултати и нови, идни планови, додаваат од Министерството за односи меѓу заедниците. нд/дма/

Фото: Кабинет на потпретседател на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците

Остани поврзан