• сабота, 23 ноември 2024

Средба на претседателот на Собранието Џафери со претседателката на Косово, Османи-Садриу

Средба на претседателот на Собранието Џафери со претседателката на Косово, Османи-Садриу

Скопје, 26 април 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна официјална посета на земјава. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателот на Пратеничката група за соработка со косовското Собрание, Африм Гаши.

Џафери упати честитки за визната либерализација со Европската унија, со која косовските граѓани ќе можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ и оцени дека одлуката е од суштинско значење за интеграцијата на Косово во Унијата. Тој изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово на сите полиња и големиот интензитет на меѓусебни средби на високо политичко ниво.

Пријателските односи, се наведува во соопштението од собраниската Прес-служба, се пресликани и во плодната и фреквентна соработка на собранијата на двете земји и меѓу претседателите на двата законодавни дома, комисиите и групите за пријателство и соработка.

Претседателот на Собранието нагласи дека принципиелно земјава ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и е подготвена да ги пренесе стекнатите знаења и искуства на тој план. Истакнувајќи дека двете земји се активни учеснички во Берлинскиот процес, тој информирал дека Собранието ги ратификуваше трите договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.

Претседателот на Собранието, Џафери го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија и нагласи дека како претседавачи со ОБСЕ, сме подготвени да ја помогнеме имплементацијата на одредени делови од договорот. Тој информира дека земјава од 1 јули годинава ќе го преземе и претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што на еднаква основа учествуваат сите земји од регионот.

Косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу, нагласи дека земјава претставува пример и модел за останатите држави од регионот, особено на планот на меѓуетничките односи. Таа изрази задоволство што од воспоставувањето на дипломатските односи, меѓу двете земји нема отворени прашања и се остварува плодна соработка во бројни области. Истовремено, се заложи, стои во соопштението, за продлабочување на меѓусебната соработка во полето на образованието, културата, здравството, надворешната политика и одбраната.

Османи Садриу се заблагодари на континуираната поддршка од земјава за членството на Косово во меѓународните организации и нагласи дека поддршката од пратениците на нашето Собрание ќе биде од големо значење за зачленувањето на Косово во Советот на Европа. Од претседателот на Собранието Џафери, се подвлекува во соопштението, таа побара поддршка и за учество на Косово во Кримската платформа.

- Претседателката на Косово упати благодарност за гостопримството укажано во Охрид, за состанокот за Анексот на договорот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, но нагласи дека Србија го прекршила овој договор со спротивставувањето на членството на Косово во Советот на Европа, соопштија од собраниската прес-служба.

Џафери и Османи Садриу се осврнаа и на економската соработка меѓу двете земји, како и потребата за заокружување на инфраструктурното поврзување и подобрувањето на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, со што во дополнителна мера ќе се олесни комуникацијата меѓу граѓаните и бизнис заедницата од двете држави.

Двајцата соговорници разменија информации и за актуелните случувања во двете земји и се заложија за побрза реализација на договорите постигнати на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово.

На средбата беше изразена надеж дека официјалната посета на претседателката Османи Садриу ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи меѓу двете земји. цр/сп/

Фото: Собрание

Остани поврзан