• четврток, 19 декември 2024

Средба на претседателот на Собранието Гаши со албанскиот претседател Бегај

Средба на претседателот на Собранието Гаши со албанскиот претседател Бегај

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска остварил средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во Скопје, во рамки на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, соговорниците посебно се осврнале на соработката меѓу двете земји, при што се согласиле дека Северна Македонија и Албанија негуваат одлични меѓусоседски односи и искрено пријателство, иако, како што забележале, секогаш има простор за уште поинтензивна комуникација на билатерален, но и на регионален план, како и во процесот на интеграција во Европската Унија.

- Нашите две земји секогаш имале заеднички цели кон кои одиме заедно, рече претседателот на Собранието на РСМ, посочувајќи дека Северна Македонија пред повеќе години се соочи со пречка на патот кон НАТО, каде што, сепак, сега е полноправна членка. Во тој контекст, претседателот Гаши изрази надеж дека овој пат Северна Македонија и Албанија ќе продолжат заедно да напредуваат на патот кон ЕУ и дека во ист ден ќе станат полноправни членки, стои во соопштението од Собранието.

Претседателот на Албанија истакнал дека реформите што ги преземаат двете земји во однос на евроинтеграцијата не се само за остварување на критериумите на ЕУ, туку пред се за развој на земјите и за постигнување бенефити за граѓаните.

Како носители на јавни функции, рекол Бегај, треба да бидеме фокусирани на сегашноста и на создавање подобра иднина, со цел на новите генерации да им оставиме развиен и просперитетен регион.

Соговорниците се осврналеа и на претстојната 11. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, што ќе се одржи од 18 до 20 јуни во Собранието на РСМ, по што Албанија треба да го преземе од Северна Македонија едногодишното претседавање со овој процес.

- Тоа е уште еден знак за нашата посветеност за продлабочување на регионалната соработка, рекол Гаши, изразувајќи задоволство што на крајот на оваа пленарна сесија ќе го предаде претседавањето со ПС на ПСЈИЕ на Делегацијата на Парламентот на Албанија.

Во насока на понатамошно продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Албанија, како и меѓу сите земји од регионот, претседателот Гаши истакнал дека приоритет треба да бидат и инфраструктурните проекти. На тој начин, како што подвлекол Гаши, ќе се обезбеди подобро поврзување меѓу државите и граѓаните, како предуслов и за економско унапредување на регионот во целина.

- Мора да продолжи изградбата на патиштата, енергетското и железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8, со цел поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал, рекол претседателот на Собранието, Гаши, се додава во соопштението. цр/aa/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан