• вторник, 17 септември 2024

Средба на министерот Муртезани со новименуваниот евроамбасадор Рокас

Средба на министерот Муртезани со новименуваниот евроамбасадор Рокас

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ја оствари првата работна средба со новоименуваниот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, амбасадорот Михалис Рокас, на која биле разменети мислења за динамизирање на процесот на пристапување на земјата во ЕУ и стратешкото значење на новите иницијативи на ЕУ за Западен Балкан.

Како што соопштија денеска од Министерството за европски прашања, Муртезани му се заблагодарил на евроамбасадорот за европската поддршка и тесната соработка со Брисел преку Делегацијата на ЕУ во земјата.

- Тој го потенцираше клучното значење на неодамна усвоениот План за раст за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст, како и потребата од подобрување во искористувањето на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Министерот нагласи дека тие претставуваат важни двигатели на реформите во Северна Македонија во областа на владеењето на правото, доброто управување и економскиот развој; механизми дизајнирани за зајакнување на институционалните капацитети и усогласување на Северна Македонија со стандардите на Европската Унија, се наведува во соопштението.

Министерот Муртезани ја реафирмирал посветеноста на Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и за спроведување на потребните реформи што земјата треба да ја подготват за полноправно членство во Унијата. Тој истакнал дека Инструментот за реформи и раст, преку договорената Реформска агенда 2024-2027 вредна преку 750 милиони евра, нуди насочена поддршка за земјата и напредок во клучните реформи, вклучувајќи го и зајакнувањето на економската конкурентност и иновациите.

Амбасадорот Рокас, како што се посочува во соопштението, ги поздравил реформските напори на Северна Македонија и ја потврдил стратешката посветеност на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.

Муртезани и Рокас дискутирале и за забрзување на реформите во области како владеењето на правото, реформата на правосудството и економското управување и потребата од продолжување на работата на Патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, како предуслови за отворање на Кластерот Фундаменти/Темели, покрај политичкиот предуслов за промена на Уставот.

Двајцата соговорници ја нагласиле важноста од остварување видлив напредок во клучните реформски области за да се обезбеди успешно европско интегрирање. Изразиле заедничка подготвеност за динамизирање на соработката меѓу Министерството за европски прашања и Делегацијата на ЕУ, во функција на заложбата за остварување на заедничките стратешки цели. сст/бак/

Фото: Министерство за европски прашања

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан