Средба на Гаши со делегација од Парламентот на Чешката Република
- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик претседател на Комисијата.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик претседател на Комисијата.
-Процесот на евроинтеграција на Северна Македонија беше во фокусот на разговорите на претседателот Гаши со чешките парламентарци, при што беше нагласена значајната поддршка на Чешка, како и на целата Вишеградска група, прво за членството на нашата земја во НАТО, како и постојаната логистика за полноправно членство во Европската Унија, соопшти собраниската прес-служба.
Претседателот Гаши изразил благодарност што Чешката Република, како членка на Европската Унија, принципиелно ги промовира политиките, во контекст на земјите од Западен Балкан. Тој, исто така, изразил очекување за понатамошно интензивирање на таа поддршка. Посебно во однос на Северна Македонија, со оглед на актуелните предизвиците со кои се соочува нашата земја на евроинтегративниот пат, и покрај големиот капацитет за компромиси што го покажавме во изминатиот период.
Вондрачек истакнал дека е добро позната чешката позиција за долгорочна поддршка на интеграциските процеси на нашата земја и на регионот во целина.
На средбата било нагласено и дека Северна Македонија и Чешката Република годинава одбележуваат 30 години од воспоставување на дипломатските односи, а низ годините пријателството и меѓусебната почит меѓу двете држави не само што се потврди, туку и се продлабочи.
Биле разменети мислења и за меѓупарламентарната соработка. Притоа било посочено дека е мошне значајна комуникацијата меѓу работните тела и пратеничките групи за соработка, со оглед на тоа што нашата држава има цврста определба за интензивирање на реформскиот процес, што е значајно и за нашиот евроинтеграциски пат. дма/ац/
Фото: Собрание на РС Македонија