• понеделник, 18 ноември 2024

Муртезани - Шаља: Соработка во рамките на тековната Програма на УНФПА за 2021-2025

Муртезани - Шаља: Соработка во рамките на тековната Програма на УНФПА за 2021-2025

Скопје, 7 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани и шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија, Афродита Шаља, на денешниот состанок разговарале за продолжување и продлабочување на соработката во рамките на тековната Програма на УНФПА за нашата земја 2021-2025, согласно Рамката за одржлив развој на ОН 2021-2025.

Од Министерството за европски прашања информираат дека на состанокот тема на разговор биле и можностите за соработка во рамките на националните ИПА фондови и други клучни прашања поврзани со евроинтеграцискиот процес.

- Министерот Муртезани се осврна на тековните и планирани ИПА проекти и програми комплементарни на областите во кои делува УНФПА. Меѓу нив, вниманието беше ставено на „ЕУ за подобрено здравје, социјална заштита и родова еднаквост“, проект кој е дел од годишната програма на ИПА за 2022 година. Од него се очекува значително да придонесе во подобрувањето на капацитетите за имплементација, усогласеност и спроведување на законодавството за безбедност и здравје при работа, зајакнување на ефективноста на системот за превенција и заштита на родово и семејно насилство, подобрување на квалитетот на социјалните услуги, и подобрување на капацитетите на државата за големи здравствени закани, соопштуваат од Министерството за европски прашања.

Оттаму посочуваат дека соговорниците се задржале и на активностите кои ЕУ ќе ги поддржи преку Повеќегодишната оперативна програма за човечки капитал за периодот 2024-2027 година, која предвидува бројни акции посветени на вработување и мобилност на работната сила, социјална вклученост и намалување на сиромаштијата.

Муртезани и Шаља се согласиле за понатамошно унапредување на партнерството и соработката во насока на зајакнувањето на родовите прашања, младите и нееднаквостите. ир/са/

Фото: Министерството за европски прашања

Остани поврзан