• четврток, 26 декември 2024

СПД: 160 години постоење - (нема) причина за славење

СПД: 160 години постоење - (нема) причина за славење

 

24 мај 2023

Дојче Веле

СПД ја води сојузната влада и од нејзини редови доаѓа канцеларот. Сепак, расположението во партијата е лошо. Рејтингот паѓа, а работите не одат добро ниту во коалицијата со Зелените и ФДП.

Причина за славење - во седиштето на СПД во Берлин веќе нема толку често. Дотолку повеќе е ценета секоја информација за успех. „Денес е убава вечер за нас. Исклучително сме горди на СПД во Бремен и Бремерхафен“, изјави радосно генералниот секретар на СПД, Кевин Кинерт, по победата на социјалдемократите на изборите во северниот германски град-покраина на 14 мај.

Тоа не се подразбираше само по себе. Речиси преколнувачки делуваше моментот кога градоначалникот од СПД, Андреас Бовеншулте, на крајот од изборната кампања ја пееше „Stand by me", музички повик до гласачите да му дадат поддршка. Шефот на Социјалдемократската партија, Ларс Клингбајл, кој од Берлин дојде како засилување, го придружуваше на гитара. На крајот, СПД победи во Бремен со 29,8% освоени гласови, иако постигна свој втор најлош резултат во последните 70 години во таа покраина.

Пад на партијата на канцеларот

Во Берлин сега сакаат да извлечат поуки од случајот на Бремен. Генералниот секретар Кинерт рече дека ќе ја анализираат победата. СПД на сојузно ниво може само да сонува за резултат како во Бремен. Додека партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) се над 30 отсто доверба во анкетите, СПД падна на резултат од 17 до 19 проценти и се натпреварува со Зелените и десничарската АфД за второто место во партискиот спектар. Никогаш порано во историјата на Сојузна Република Германија, партијата на канцеларот немала толку низок рејтинг.

Дали Олаф Шолц и СПД победија на сојузните избори во септември 2021 година само затоа што кандидатот за канцелар од ЦДУ направи премногу грешки во изборната кампања и беше премногу слаб?

Краток лет во височина

Погледот на анкетите во изборната година и потоа покажува дека социјалдемократите можеа енормно да се подобрат пред парламентарните избори - од 16 проценти во јули 2021 година на речиси 26 проценти во септември. Високиот лет траеше до пролетта 2022 година, а оттогаш бројките повторно се намалуваат. Она што е горко за СПД е што политиколозите зборуваат за народна партија кога таа може да обедини најмалку 20 проценти од гласовите.

Кандидатот на ЦДУ за канцелар, Армин Лашет, се смее во долината Ар, која беше уништена од катастрофата од поплавите, додека сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер дава изјава за медиумите. После тоа, рејтингот на Лашет драстично падна.

Дали „камбекот на социјалдемократијата“ што го слави СПД е веќе историја? Како и пред сојузните избори, бројот на членовите во партијата продолжува да опаѓа. Така е дури и во големите градови, каде што СПД порано имаше голема поддршка. Најсвеж пример е сојузната држава Берлин. Во градот-држава, ЦДУ штотуку го презеде градското собрание, повторно по 22 години социјалдемократска власт.

Работите стојат навистина лошо во источна Германија. Во покраините Саксонија и Саксонија-Анхалт, рејтингот на СПД во анкетите е едноцифрен.

Враќање кон социјалните прашања

160-тиот роденден на СПД паѓа во вакво нерасположение. Најстарата сѐ уште постоечка партија во Германија слави три дена, со говори, подиумски дискусии, изложби и доделување награди. Добредојдена можност за да се здивне, да се наполнат батериите и можност повторно да се стане повидлив во владината коалиција. Мотото на прославите седиштето на СПД во Берлин: „На напредокот му е потребна праведност“.

Социјалните теми се нешто како основна надлежност на СПД. Но, тие де факто сега се во сенка на војната во Украина и нејзините последици. Канцеларот од СПД првенствено се занимава со надворешната политика, министерот за внатрешни работи од СПД со миграцијата, а министерот за труд од СПД се бори со недостиг од квалификувани работници. Со оглед на инфлацијата и тензичната состојба на градежниот пазар, веќе не се зборува за централното предизборно ветување на СПД - изградба на 400.000 станови годишно.

Расправии во коалицијата

Во семафор-коалицијата со Зелените и ФДП, СПД изгледа прилично бледа и без профил. Во насловите доминира спорот меѓу либералите и зелените околу заштитата на климата. Крајот на греењето со нафта и гас од 2024 година, промовиран од Зелените, плаши многу луѓе и ги тера гласачите кон опозицијата.

Поради инфлацијата, трошоците за живот и онака значително се зголемија, а оние кои немаат финансиски резерви сè потешко врзуваат крај со крај. СПД сега сака да стапне на кочниците на Законот за енергетика на згради. Заштитата на климата е важна, но цената не треба да ги префорсира граѓаните, велат од СПД. Неопходни се подобрувања, решенијата мора да бидат „технички изводливи и социјално претставителни“, вели министерот за труд Хубертус Хајл.

Вриење

Ако сега и СПД сака да остави посилен впечаток во владејачката семафор-коалиција, тоа веројатно ќе предизвика уште поголема тензија во коалицијата. Влада во која има конфликти никогаш не поминува добро кај гласачите. Тоа мора да го загрижува штабот на СПД. Слабите перформанси - како што покажува историјата на партијата - честопати доведуваа до внатрешни спорови и јадење одвнатре. На тоа паѓаа дури и шефови во СПД, кои партијата всушност ги сакаше.

Во СПД веќе расте незадоволството. Особено врие во силното лево крило на партијата, кое секогаш било кавгаџиски настроено. Во 2019 година, левото крило го спречи Олаф Шолц, кој е повеќе закотвен во десничарскиот социјалдемократски спектар, да стане партиски лидер. Откако Шолц е канцелар, левото крило молчи и се држи до партиската дисциплина.

Личноста станува сѐ поважна

Шолц никогаш не бил особено популарен во СПД, но е почитуван и ценет како канцелар. Тоа има врска со успехот. Партијата ќе биде зад него само додека тој може да испорачува резултати. Во оваа ситуација, всушност би можело да биде корисно да се погледне одблизу изборната победа на СПД во Бремен. Во градот-држава, еден социјалдемократ остави впечаток кај гласачите со приземност, пристапност и омиленост.

Личноста станува сè поважен фактор во одлуките за гласање, а тоа го покажаа и други покраински избори во последните години. Олаф Шолц има малку да понуди во овој дел. Тој често изгледа круто и се доживува како човек без емоции и недостапен. Значи, извлекувањето поуки од Бремен не би било лесно.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан