Сојузот на синдикатите на Македонија одбележува 76 години од постоењето
- Првиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија со тогашен назив Единствени синдикати на работниците и намештниците на Македонија се одржал на 18-21 август 1946 година во градскиот пар
Скопје, 22 август 2022
Првиот Конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија со тогашен назив Единствени синдикати на работниците и намештниците на Македонија се одржал на 18-21 август 1946 година во градскиот парк во Скопје, Македонија, во време кога работничката класа водела успешна борба за обнова на од војна опустошената земја.
Првиот слободен синдикален Конгрес на работниците во Македонија, покрај своето мобилизациско значење, значително допринел и за понатамошното организациско зацврстување и оспособување на синдикатите за изградба на земјата.
Периодот од првиот Конгрес на ССМ па наваму има големо значење за работничката класа, а ССМ како класна работничка организација ја опфаќал скоро целата работничка класа во Македонија.
Од основањето, Сојузот на синдикатите на Македонија имал 19 Претседатели, а актуелен претседател е Дарко Димовски.
Со гордост денес, ССМ е најзначаен дел од синдикалната историја, а активноста на ССМ континуирано продолжува да биде обележје на синдикализмот во државата.
ССМ функционира како најстар, репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата и приоритетно се залага за активности и мерки кои ќе придонесат за заживување и развој на економијата како база за целокупен напредок на општеството, а приоритет се правата, интересите и потребите на работниците.
Денес, Сојузот на синдикатите на Македонија е единствен репрезентативен синдикат и во јавниот и во приватниот сектор.
Во годината кога одбележува 76 години од постоењето со напорна работа и континуирани активности ССМ ја задржа својата позиција на репрезентативен синдикат и национален социјален партнер, воедно ССМ и понатаму е најбројниот синдикат во државата кој сите го препознаваат.
Како позначајни придобивки и активности од ангажирањето на ССМ , за тековната 2022 година , а кои се препознаени и респектирани од членството и работниците ги издвојуваме :
БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ
Во текот на првите шест месеци од 2022година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани вкупно 34.674 обраќања за работници по разни основи за заштита на правата од работен однос од кои во Секторот за работни односи и правна заштита, РСП и СК, 22.052 обраќања за работници, а преку мобилната апликација ССМ – мои работнички права, 12.622 обраќања за работници.
НЕДЕЛА ДЕН ЗА НЕДЕЛЕН ОДМОР
Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат и национален социјален партнер во државата беше иницијатор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата и затоа нагласуваме дека недела конечно е ден на неделен одмор и е реалност колку и тоа на одредени работодавачи да не им се допаѓа.
Работниците веќе го чуствуваат бенифитот од ова право, ден на неделен одмор да биде недела кое е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија дека секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.
МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО ВИСИНА 18.000 ДЕНАРИ, НО НЕ ПОМАЛА ОД 57% ОД ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА
На иницијатива на ССМ по пат на социјален дијалог беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за минимaлна плата во Република Северна Македонија, Сл. весник бр. 41 /22
Со измените на законот минималната плата изнесува 18.000 денари, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.
Како резултат на законските измени околу 80.000 работници и граѓани добија покачување на платата од 15.194 на 18.000 денари.
Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законските измени се предвидува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.
РАБОТНИЧКИ ПРОТЕСТИ
На 04.02.2022 година на сите штрајкувачки одбори и Претседателството и Совет на ССМ, заедно со членовите на органите и телата на синдикатите здружени во ССМ, излезлегоа на протест (ЗАСТАНИ И ТИ ЗА ТВОЈАТА ПЛАТА) пред седиштето на Организацијата на работодавачите на Македонија и Стопанската комора поддржани од работниците.
На 7 и 8 април беше организиран прекин на равотниот процес од страна на Синдикатот на УПОЗ при ССМ со целосна поддршка од ССМ каде што членовите на Синдикатот на УПОЗ преку прекин на работниот процес го изразија своето незадоволство барајќи достојни плати за живот.
На 14 април ССМ, Синдикатот на Македонска пошта и Синдикалната организација на АД Пошта заедно со работниците организираа Штрајк во Македонска пошта.
На 1 мај ССМ со синдикатите здружени во ССМ, организираше првомајски протест за достоинствена плата, на протестот излегоа повеќе од 7.500 работници рамо до рамо марширајќи од пред зградата на ССМ преку Собранието, седиштето на Организацијата на работодавачи и Стопанска комора на Македонија до Владата на Македонија јасно ставајќи до знаење дека постои огромен револт кај работниците поради ниските плати.
28 и 29 јули ССМ заедно со СРСВМ и Синдикатот во фабриката за шински возила Колска од Велес организираа блокада на железничкиот транспорт на железничката станица во Велес и штрајк по улиците на Велес со блокада на центарот на градот и канцелариите на Управата за јавни приходи.
ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК ВО ЈАВЕН СЕКТОР
Советот на ССМ на седницата одржана на 6 јуни 2022 година , донесе Одлуката за повикување и поведување на штрајк.
Согласно Одлуката за повикување и поведување на штрајк во штрајк стапија вработените во јавниот сектор, штрајкот започна на 22.06.2022 година во 00.00 часот, а штрајкувачите штрајкуваа на своите работни места,но беа применети и други форми на работничкото незадоволство и синдикален притисок .
Штрајкот е организиран за заштита на економските и социјалните права и остварување на следните барања од работен однос:
-склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.
Генералниот штрајк иако успешен во најголем број на сектори каде што работниците веќе ја добиваат покачената плата, истиот сеуште трае онаму каде што барањата за усогласување на платите не се исполнети.
ССМ е твој синдикат!
Сојуз на синдикатите на Македонија
—————————————————————————————————————————————
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.