• недела, 22 декември 2024

Сојузниците го потврдија ветувањето за зајакнување на одбраната на Украина на состанокот на Советот НАТО-Украина

Сојузниците го потврдија ветувањето за зајакнување на одбраната на Украина на состанокот на Советот НАТО-Украина

Брисел, 28 август 2024 (МИА) – Советот НАТО-Украина денеска одржа состанок, по неодамнешните тешки руски воздушни напади врз украинските цивили и инфраструктурата, на кој сојузниците силно ги осудија руските неселективни напади и ја потврдија својата посветеност за дополнително зајакнување на одбраната на Украина, соопшти Алијансата.

- Украина продолжува да пресретнува руски ракети на дневна основа, спасувајќи безброј животи. Но, способноста на Украина да ја одржи својата одбрана бара зголемено снабдување и поголема поддршка. Во однос на последниот руски напад, сојузниците денеска потврдија дека ја засилуваат својата воена помош за Украина. Мора да продолжиме да и даваме на Украина опрема и муниција што и се потребни за да се одбрани од руската инвазија. Ова е од витално значење за способноста на Украина да остане во борбата, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претседаваше со состанокот.

Од почетокот на инвазијата на Русија, сојузниците дадоа невиден придонес во одбраната на Украина, стои во соопштението. На Самитот на НАТО во јули, бројни сојузници објавија дека ќе испратат на Украина дополнителни стратешки системи за воздушна одбрана, вклучително и повеќе батерии Патриот, а сојузниците се согласија дека заедно ќе обезбедат минимум 40 милијарди евра безбедносна помош во следната година. Сојузниците, исто така, се согласија да ја координираат безбедносната помош и обука за Украина, при што новата команда на НАТО ќе ги преземе овие задачи кои ќе станат оперативни во септември.

Денешниот состанок се одржа на амбасадорско ниво и беше свикан на барање на Украина.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров преку видео-врска ги информираше сојузниците за моменталната безбедносна ситуација и приоритетните потреби за капацитети.

Советот НАТО-Украина беше создаден на Самитот на НАТО во јули 2023 година и служи како форум за заеднички консултации, донесување одлуки и активности меѓу НАТО и Украина. јт/

Фото: НАТО

Остани поврзан