• петок, 22 ноември 2024

Социјалната услуга за помош и нега во домот станува достапна и во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани 

Социјалната услуга за помош и нега во домот станува достапна и во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани 

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - На 120 постари лица и лица со намален функционален капацитет од Прилеп, Долнени и Кривогаштани, како и на 60 лица со попреченост, постари и изнемоштени лица кои живеат на територијата на општина Крушево, им станува достапна социјална услуга за помош и нега во домот, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска им ги доделила дозволите за вршење дејност од социјална заштита на давателите кои треба да им ја овозможат социјалната услуга на корисниците во споменатите општини. Како што информираат од Министерството опфатени се општинската организација на Црвениот крст Крушево, која ќе ја нуди услугата за помош и нега во домот на корисниците во Крушево, како и Центарот за развој и едукација што ќе ја нуди оваа услуга на корисниците од Прилеп, Долнени и Кривогаштани.

Воедно, министерката Тренчевска ги посетила и корисниците на новата услуга во нивните домови во селото Лажани, општина Долнени и во селото Слевеј во општина Кривогаштени, каде во непосреден разговор директно се запознала со потребите на овие лица кои не се во можност самостојно да се грижат за себе, како и да ги информира за придобивките од  социјалната услуга што тие ќе почнат да ја добиваат.

-Луѓето и нивните потреби се она што нѐ водеше во процесот на конципирање и реализација на социјалната реформа, со чија реализација, помеѓу останатото, обезбедуваме квалитетни социјални услуги за оние на кои тие им се најпотребни, онаму каде што тие се чувствуваат најсигурно - во нивните домови. Сакаме да го подобриме квалитетот на живот на овие луѓе и тие да добијат подобра социјална заштита. Тој беше и останува главната цел на социјалната реформа и истовремено тоа е гаранција за нејзиниот успех, изјавила министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа ја истакнала и втората многу значајна придобивка од социјалата реформа, со чија реализација се креираа можности за вклучување на пазарот на трудот на невработени лица, особено од социјално загрозените категории, кои преку соодветна преквалификација и обука добиваат можност да се стекнат со сертификати за негуватели или друг индивидуален давател на социјална услуга и на таков начин да ја обезбедат стабилни приходи за себе и за своето семејство. свс/нд/

Фото: МТСП

Остани поврзан