Состојба со Ковид-19 во светот до 19 часот
Скопје, 12 април 2020 (МИА) – Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 1.826.245 лица заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 112.371, а излекувани се 416.127 луѓе.
Подгорица - Во Клиничкиот центар во Подгорица од Ковид-19 се лекуваат 21 пациент, од кои 16 на Клиниката за инфективни болести, а пет на Интерната клиника. До денеска, вкупниот број заразени во земјата изнесува 267 лица.
Загреб - Во Хрватска за 24 часа потврдени се 66 нови случаи на коронавирус, а починаа уште две лица, со што вкупниот број починати изнесува 23. Досега се заразени вкупно 1.600 лица. Министерот за здравство Вили Берош изјави дека бројот на излекувани изнесува 373 лица. Досега заразени се вкупно 212 медицински лица, од кои 75 лекари, 101 медицински сестри и техничари, по 11 стоматолози и фармацевти.
Амстердам - Бројот на потврдени случаи на заразени со Ковид-19 во Холандија надмина 25.000, соопштија денеска здравствените власти. Бројот на смртни случаи се зголеми за 94 и сега изнесува 2.737. Холандскиот национален институт за здравје пријави 1.188 новозаразени во изминатите 24 часа, со што вкупно изнесува 25.587 лица.
Лондон - Во болниците во Велика Британија бројот на починати од коронавирус се зголеми за 737 лица на 10.612, соопштија властите во земјата. Денеска се регистрирани 5.288 новозаразени, така што вкупниот број заразени надмина 84.000 лица. паг/