Соренсен во прва посета на Косово, Османи бара еднаков третман во дијалогот со Србија
- „Косово веќе се покажа како конструктивна страна во дијалогот, посветена на мирот, демократијата и владеењето на правото. Поради тоа, континуираните неправедни мерки на ЕУ против нашата земја не само што ги оштетуваат нашите граѓани, туку и ја нарушуваат неопходната рамнотежа во дијалогот“, напиша Османи на Фејсбук.

Приштина, 17 март 2025 (МИА) - Претседателката на Косово Вјоса Османи побара од Европската Унија да го третира Косово еднакво во дијалогот во Брисел, по денешната средба со новиот европски пратеник за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Петер Соренсен, јави Радио Слободна Европа.
Ова е прва посета на Соренсен на Косово откако ја презеде функцијата во февруари, со цел да оствари средби со највисоките косовски функционери.
„Косово веќе се покажа како конструктивна страна во дијалогот, посветена на мирот, демократијата и владеењето на правото. Поради тоа, континуираните неправедни мерки на ЕУ против нашата земја не само што ги оштетуваат нашите граѓани, туку и ја нарушуваат неопходната рамнотежа во дијалогот“, напиша Османи на Фејсбук.
ЕУ воведе казнени мерки кон Косово во јуни 2023 година, откако Владата во Приштина ги игнорираше повиците за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, каде што живее српско мнозинство. Тензиите започнаа во 2022 година, кога Србите ги напуштија косовските институции, протестирајќи против забраната на српските регистарски таблички. Ситуацијата ескалираше во септември 2023 година, кога вооружена група нападна полиција во Бањска, при што загина еден косовски полицаец, потсетува РТС.
Соренсен во Приштина ќе се сретне и со премиерот Албин Курти, како и со главниот косовски преговарач на техничко ниво, Бесник Бислими.
Инаку, Соренсен сè уште не посредувал во дијалогот меѓу Косово и Србија, но најави дека работи на нови начела за унапредување на процесот. Од почетокот на февруари одржа посебни средби со претставници од двете земји.
Европската Унија го води дијалогот меѓу Косово и Србија од 2011 година, но многу од постигнатите договори не се имплементирани. Во 2023 година беше предложена Спогодбата за нормализација на односите, која двете страни ја прифатија, но не ја спроведоа, меѓусебно обвинувајќи се за нејзиното прекршување.
Во договорот, Косово се обврза да формира Заедница на општини со српско мнозинство, додека Србија не смее да го блокира членството на Косово во меѓународни организации.
За разлика од својот претходник Мирослав Лајчак, новиот пратеник Соренсен ќе се фокусира само на дијалогот, без да се занимава со други прашања на Западен Балкан. ссм/
фото: принтскрин