• недела, 22 декември 2024

Соработка на Чаир и бугарската општина Белица, средба на градоначалниците Ганиу и Ревански

Соработка на Чаир и бугарската општина Белица, средба на градоначалниците Ганиу и Ревански

Скопје, 20 ноември 2022  (МИА) - Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, денеска го пречека градоначалникот на бугарската општина Белица, Радослав Ревански, заедно со бугарскиот европратеник Илхан Ќучук.

Како што соопшти Општина Чаир, Ганиу изјави дека денеска со неговиот бугарски колега отворил ново поглавје на соработка чија цел е да се движи по патот на Европската Унија.

-Ми беше задоволство да го пречекам градоначалникот на Белица, Радослав Ревански. Додека со помош на нашиот пријател, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, отворивме важно поглавје на соработка меѓу нашите две општини, во насока на подобрување на благосостојбата на нашите сограѓани, рече Ганиу.

Градоначалниците на Чаир и Белица  се обврзаа дека овие две општини наскоро ќе се збратимат.

- На овој начин заедно ќе учествуваме во различни европски развојни проекти и ќе бидеме пример за здрава соработка како две локални институции од двете страни на границата, Северна Македонија - Бугарија, рече Ганиу.

Очекува дека следниот чекор ќе биде заедничка презентација на Чаир и Белица пред Европскиот парламент со поддршка на европратеникот Ќучук. хс/са/ 

Остани поврзан