• петок, 22 ноември 2024

Собраниска делегација на 22-от Есенски состанок на ПС на ОБСЕ во Даблин

Собраниска делегација на 22-от Есенски состанок на ПС на ОБСЕ во Даблин

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Собраниска делегацијата во состав: Моника Зајкова шеф на делегацијата, Халил Снопче член и Ели Панова заменик член, учествуваа на 22-от Есенски состанок на  Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што се одржа од 2 до 4 октомври во Даблин, Ирска.

Состанокот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, како што соопшти денеска собраниската прес-служба, бил отворен со засилени апели за зајакнување на мултилатерализмот и преземање похраб пристап кон меѓународната дипломатија и безбедносната соработка.

На првата сесија на Парламентарната конференција фокусот бил ставен на пристапот на ОБСЕ кон конфликтниот циклус, особено олеснување на дијалогот, решавање конфликти, поддршка за медијација, помирување и постконфликтна рехабилитација.

На оваа сесија свое обраќање имала пратеничката Моника Зајкова, која истакна дека е потребна поголема заштита на основните права и слободи, особено во ситуации на вооружени конфликти и хуманитарни кризи затоа што тоа е трајна универзална вредност и предуслов за правичен општествен развој. Главна алатка за обезбедување заштита на основните права и слободи е постојниот мултилатерален систем и неговите структури, вклучително и ОБСЕ како најголема регионална безбедносна организација во светот.

Таа се осврнала и на војната во Украина и кризата на Блискиот Исток кои предизвикаа глобални економски, енергетски и хуманитарни кризи и кои особено ги погодува цивилите, жените и децата и цивилната инфраструктура. - Тоа доведува до масовно раселување, човечко страдање и невиден број на цивили кои бараат засолниште во соседните земји и пошироко. Затоа е потребно земјите-учеснички на ОБСЕ да помогнат во справување со хуманитарната криза и да даваат постојана поддршка како билатерално така и преку мултилатерални механизми, истакнала Зајкова.

Пратеникот Халил Снопче се обратил на втората сесија посветена на климатските промени, укажувајќи дека деградацијата на животната средина е тивка, но сепак моќна закана.

-Контаминацијата на воздухот, водата и почвата поради индустриската активност, уништувањето на шумите и неодржливите земјоделски практики постојано го поткопуваат здравјето и благосостојбата на населението. Загубата на биодиверзитетот се забрзува, се уништуваат живеалиштата, деликатната рамнотежа на природата се нарушува што доведува до непредвидени последици кои ја загрозуваат безбедноста на храната, достапноста на вода и јавното здравје, истакнал Снопче.

Тој упатил апел ОБСЕ да ги поддржи земјите-учеснички во транзицијата кон позелени економии, промовирање на обновливите извори на енергија и имплементирање на практики за одржливо управување со земјиштето. Тоа, како што посочил, вклучува политики за намалување на емисиите на јаглерод и заштита на природните екосистеми. Пратеникот Снопче побара поенергично справување со еколошките опасности, катастрофи и деградација како и заеднички и обединети напори за справување со ризиците за безбедноста поврзани со климатските промени.

Во инагуративниот дел на есенскиот состанок говореле Шон О’Фергeл, претседател на Долниот дом на парламентот во Ирска, Пиа Каума, претседателка на ПС на ОБСЕ и Мајкл Крид, шеф на ирската делегација во ПС на ОБСЕ. Говорниците ја истакнале моќта на дијалогот и компромисот за надминување на долготрајните и длабоко вкоренети поделби, информирајќи дека следната година се одбележува 50-годишнина од основачкиот документ на ОБСЕ, Хелсиншкиот финален акт.

-Претседателот Шон О Фергел истакна дека Духот на единство што го лансираше ОБСЕ во 1975 година во Хелсинки е исто толку релевантен и денес, во 2024 година, како што било тогаш, ако не и повеќе. Кога се разгледуваат сегашните геополитички реалности, како парламентарци со демократски легитимитет и видливост, тие имаат евидентна улога во зајакнувањето на сеопфатниот модел на ОБСЕ за мир и безбедност во денешниот свет. Договорот од Велики петок служи како модел за тоа што може да се постигне кога на разликите во Ирска се пристапува со емпатија, решителност и почит. Тоа не само што успеало да стави крај на децениското насилство, туку и ги поставува темелите за трајна стабилност со вградување на принципите на поделба на власта, согласност и почитување во структурата на владеењето, се наведува во соопштението од собраниската прес-служба.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. дма/ац/

Фото: Собрание на РСМ

Остани поврзан