• вторник, 05 ноември 2024

Собранието ќе одржи итна седница за автопатот Кичево - Охрид

Собранието ќе одржи итна седница за автопатот Кичево - Охрид

Скопје, 1 април 2024 (МИА) - Собранието денеска со почеток во 13:30 часот ќе одржи итна седница за Предлог законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка, предложен од Владата. 

Како што информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието Јован Митрески, седницата ќе се одржи по барање на група пратеници од опозицијата и од мнозинството.  

-По барање на група пратеници од опозицијата и од мнозинството, а по нивна меѓусебна координација, претседателот на Собранието, за денеска во 13:30 часот закажа итна седница за Предлог на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка, предложен од Владата, се посочува во информацијата од Кабинетот на Митрески.

До крајот на 2026 година да се пролонгира рокот за завршување на автопатот Кичево-Охрид предлага Владата, која минатата недела на седница утврди предлог одредби за законски дополнувања со цел склучување нов, шести по ред анекс на Договорот за изградба со кинески „Синохидро“.

-Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски, ја разгледа Информацијата за потребата од донесување Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево – Охрид, заради склучување Анекс бр.6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог одредбите на дополнувањето. Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога изведувачот треба да ги заврши работите на оваа автопатска делница. Причина за пролонгирање на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремен почеток на изградба на оваа делница, информира владината прес-служба во соопштение по седницата. 

Автопатската делница Кичево-Охрид на Коридорот 8 почна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколку анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра. Од Министерството за транспорт и врски информираа дека со предложените законски дополнувања се пролонгира рокот за изградба, а финансиските средства за изградба остануваат непроменети, односно 598 милиони евра. ев/лв/

Остани поврзан