• петок, 22 ноември 2024

Собранието на уште една пауза, до 23 часот

Собранието на уште една пауза, до 23 часот

Скопје, 27 февруари 2023 (МИА) - На предлог на координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, претседателот на Собранието Талат Џафери вечерва, во рамки на продолжението на 104. седница, откако беше исцрпена листата на пријавени пратеници за збор по предлогот за избор на четирите нови министри во Владата, даде пауза до 23 часот.

Митрески рече дека бара пауза за неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна, да донесат правилна одлука. 

Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го повика Џафери да ја стави точката за избор на министрите на гласање, зашто, оцени, има доволен број пратеници во салата.

-По три недели дискусии, разговори и убедувања очигледно зборуваме за различни работи. Не слушнавме за министрите во експозето на премиерот - која е целта и кој е нивниот квалитет, ниту слушнавме од пратениците зошто ќе дадат поддршка. Со оглед дека има доволен број пратеници во салата, Ве повикувам да ја ставите точката за гласање и да се изјасниме за Владата или повторно ќе се обидувате со паузи да се соберете и да се убедувате за мнозинството што треба да го има, истакна Мицевски кој процедурално се јави за збор. 

На тоа претседателот на Собранието рече дека тој одлучува кога почнува и кога завршува седницата.

-Тоа што тврдите дека сме десет минути пред крај е Ваше мислење, рече Џафери.

Потоа, процедурално за збор се јави и Митрески.

-Првпат за разрешување и избор на министри се расправа десет дена. Но, се зборуваше се, само не тоа што е точка на дневен ред. Вие цело време критикувавте, а не гласате поротив. Сега, зашто ги добивте информациите, правите евтини „финти“. Повторно ви е целта да продолжите на истиот начин и со замениците министри. Неколку пати во овие десет дена ве повикав на разум заради граѓаните, повторно повикувам на разум – еден час да размислите дали на ист начин ќе продолжите и според тоа барам еден час пауза, мислам дека ќе донесете правилна одлука, нагласи Митрески.

На процедуралните излагања на Мицевски и Митрески, претходеше куса расправа по обвинувањата кои ги изнесе Димитар Апасиев од Левица. Тој му се обрати директно на премиерот Ковачевски, обвинувајќи го за хибриден режим и протекторат, а СДСМ ја нарече антиработничка, антиевропска и антимакедонска партија. Реплицираа премиерот и неколку пратеници од СДСМ. Ковачевски се осврна на платите и производството на струја, Снежана Калевска потсети дека оваа Влада донесе низа мерки и закони за заштита на работничкиот стандард, за минимална плата, за социјална пензија, а Ненад Коциќ оцени дека „дејствувањето на Левица е класично националистичко и десничарско“. мч/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан