• петок, 05 декември 2025

Славески: Народната банка останува цврсто посветена на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс

Славески: Народната банка останува цврсто посветена на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс

Охрид, 26 септември 2025 (МИА) – Растечката глобална неизвесност и нејзините импликации врз малите и високо отворени економии каква што е македонската, беше во фокусот на обраќањето на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески,  пред учесниците на 24. Конференција на Македонска берза што од денеска се одржува во Охрид.

- Во моментов најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии. Иако директната изложеност кон американскиот пазар е мала, индиректните ефекти преку намалување на побарувачката во ЕУ не се занемарливи. Дополнителна загриженост отвараат можните ефекти врз глобалната инфлација преку синџирите за снабдување и инфлациските очекувања, рече тој.

Како што посочи, во постпандемискиот период трговската отвореност на нашата економија во просек достигна околу 150 отсто од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување.

- Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерни шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута, истакна гувернерот.

Славески посочи дека Народната банка ќе продолжи да ги унапредува своите капацитети за справување со предизвиците и дека, иако сите неизвесности не можат да се отстранат, навремено поставување на вистинските прашања е клучно за пронаоѓање на појасна насока за иднината. аб/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан