• сабота, 21 декември 2024

СКСЗМ: На земјава и требаат бизнис лидери кои се подготвени да инвестираат во филантропски проекти

СКСЗМ: На земјава и требаат бизнис лидери кои се подготвени да инвестираат во филантропски проекти

Скопје, 8 септември 2024 (МИА) - Филантропијата, чиј клучен носител е деловниот сектор, не само што придонесува за економски раст, туку претставува и можност за подобрување на општеството во целина преку помовирање силна култура на општествена одговорност, беше речено на денешниот бизнис форум што го организираше Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Како што истакна претседателот на Комората, Менди Ќира, на земјава и се потребни лидери кои се подготвени да инвестираат во проекти за помош на луѓе на кои им е тоа потребно. Напомена и дека бизнис заедницата често ги покрива пропустите на институциите преку самостојни иницијативи, решавајќи проблеми за кои веќе ги има платено даноците.

-Горди сме на нашите компании кои поддржуваат значајни проекти и носат позитивни промени во заедницата. Ги охрабруваме сите членки да се вклучат во проекти што им помагаат на оние на кои им е тоа потребно, рече Ќира на форумот на кој беше промовирана 2. Бела книга за добри филантропски и општествено-одговорни практики.

Според него, добрите филантропски практики и општествената одговорност на членовите на СКСЗМ се значајна сила за позитивни промени во заедницата.

-Филантропијата е можност за помагање и создавање трајни вредности. Општествената одговорност не е само обврска, туку и можност за вистински промени во животите на луѓето. Заедно ќе продолжиме да градиме посилно и пообединето општество, подвлече Ќира.

Никица Кусеникова од проектот на УСАИД „Партнерства за Донирање“ оцени дека во земјава има критична маса на бизнис лидери кои се посветени да градат општество базирано на солидарност и одржлив развој.

-Компаниите се двигатели на економскиот развој, но важна е и нивната улога во поширокиот општествен развој зашто имаат значителни ресурси, не само финансиски. Вработуваат голем број од нашите граѓани и тоа може да се стави во функција на одржлив развој. Кога компаниите делуваат поединечно и здружени, навистина може да бидат двигател за подобра иднина на нашата заедница. Ако има девастација на ресурсите и одлив на кадри, а нема доволно работна сила, здраво население и потребна инфраструктура, ни бизнисот не може да се развива, рече Кусеникова.

Таа се осврна и на Клубот на одговорни бизниси кој им служи како национална платфрома на компаниите да ја унапредуваат општествената одговорност и да ги исполнат обврските од аспект на влијание врз општеството и животната средина.

- Втората едиција на Белата книга што се промовира денеска покажува дека кај нашиот партнер, СКСЗМ, има компании кои се вистински лидери во однос на филантропијата, ја увиделе оваа улога во општеството и несебично вложуваат, правејќи го тоа стратешки и обмислено. Се надевам тоа ќе биде инспирација и за останатите фирми, да се вклучат во движењето на бизнис лидери за да градиме одржливи и просперитетни заедници, напомена Кусеникова и најави дека од средината на овој месец почнува втората кампања „Денови за донирање“ кон која може да се приклучи бизнис секторот со средства и волонтерски активности. 

Во годинашната Бела книга се „Пивара“ - Скопје, „ЗСФ КОМ“, „Малиќи груп“, „Силкапор“, „Уника“, „Трим и Лум“, „Даути комерц“, „Амбрела“ и „Еуро актива“.

На бизнис форумот, покрај членовите на СКСЗМ и нивни деловни партнери, беа и претставници од Универзитетот во Тетово и Универзитетот Мајка Тереза. мч/бак/

фото/видео: МИА

Остани поврзан