Скопјани рационално да ја користат водата за пиење, злоупотребите да ги пријавуваат
- Скопјани рационално и внимателно да ја користат водата за пиење, апелира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.
Скопје, 15 август 2025 (МИА) - Скопјани рационално и внимателно да ја користат водата за пиење, апелира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.
- Врз основа на податоците на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје за зголемена потрошувачка на водата, чие дневно производство достигнува и над 350 000 метри кубни вода, апелираме до граѓаните на Град Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнува полевање поголеми површини, разладување на дворни површини, улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, стои во соопштението.
Ваквата енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, како што наведуваат, предизвикува нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем, а како последица на сето ова, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок и со повремени прекини на вода во делови од градот.
ЈП Водовод и канализација – Скопје ги повикува сите граѓани кои имаат информација за злоупотреба на водоводниот систем преку диви приклучоци и доколку забележат истекување на вода да ги пријават на еден од следните контакти: 02 3073 010, Дежурно - информативен Центар; - kontakt@vodovod-skopje.com.mk - www.vodovod-skopje.com.mk мд/дма/
Фото: МИА архива