• четврток, 21 ноември 2024

Сиљановска Давкова на средба со претставници на македонската дијаспора во Њу Џерси

Сиљановска Давкова на средба со претставници на македонската дијаспора во Њу Џерси

Скопје, 22 септември 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на престојот во Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, го посети Њу Џерси. Во Тотова, таа ја посети црквата „Свети Никола“, каде присуствуваше на литургијата по повод празникот „Рождество на Пресвета Богородица“ и оствари средба со претставници на македонската дијаспора во Њу Џерси, информираат попладнево од нејзиниот кабинет.  

На средбата, таа најавила дека наскоро ќе иницира формирање совет за соработка со дијаспората.

- Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим, е, советот за соработка со дијаспората, најавила претседателката.

Таа истакнала дека дијаспората заслужува да учествува и во изборниот процес, како и во креирањето на најважните одлуки и закони.

- Мислам дека ова ќе биде првиот чекор за континуирана комуникација со дијаспората, советите се добредојдени, помошта и разбирањето се добредојдени, ама и ние дома не смееме да заборавиме дека нашата дома е и ваша дома, се наведува во писмената изјава на претседателката.

Во Фрихолд, претседателката ја посетила џамијата во рамки на заедницата „Дебар“, каде остварила средба со оџата Омер Кадри и претставници на дијаспората со потекло од дебарскиот крај.

- На средбата со иселениците, претседателката Сиљановска Давкова беше запознаена со нивните активности и начините на организирање и интегрирање во рамки на американското општество. Таа ги реафирмираше нејзините заложби и посветеност за продлабочување на врските со иселениците, искористување на потенцијалите и јакнење на нивната улога во развојот и просперитетот на земјата, се додава во соопштението до јавноста. бд/аа/

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Остани поврзан