• понеделник, 18 ноември 2024

Сијарто: На ЕУ и е потребно освежување со нова енергија од Западнот Балкан 

Сијарто: На ЕУ и е потребно освежување со нова енергија од Западнот Балкан 

Брисел, 15 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија ја губи својата конкурентноста и кога станува збор за глобалната политика и за економија, па затоа и е потребно освежување со нова енергија и нов поттик, кој може да и ги донесе Западниот Балкан, изјави денеска во Луксембург унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што земјата практично ги започна пристапните преговори по кластери.

- Како директни соседи на западно балканскиот регион, знаејќи го богатството на регионот, знаеме дека таа свежина и нова енергија што ни требат дефинитивно доаѓаат од Западниот Балкан. Затоа вистински европски интерес е забрзување на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, рече Сијарто на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.  

Според Сијарто, за остварување на оваа цел мора да се преземат итни чекори за одржување на кредибилитетот на политиката за проширување, која Унгарија ја смета за една од најважните политики на Европската Унија  

- Мораме да сфатиме дека оваа политика го загуби кредибилитетот во последно време, со оглед на фактот дека просечното време на чекање на членство на земјите кандидати од Западниот Балкан сега надмина 15 години. Тоа е едноставно несоодветно, мораме да го забрзаме процесот на проширување, рече Сијарто, потсетувајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е еден од главните приоритети на унгарското претседателство со Унијата. 

Тој потенцира дека проширувањето е процес заснован на заслуги, за што доказ се очигледните достигнувања што ги направи Албанија во последните години во повеќе сфери и ги исполни условите поставени од ЕУ за започнување на вистински суштински преговори.  

Според Сијарто, денешниот старт на преговорите по кластери со Албанија има историско значење за земјата, бидејќи со тоа таа се осигура дека ќе и се приклучи на Европската Унија.  

- Процесот на интеграција може да помогне Западниот Балкан да стане поразвиен, постабилен и побезбеден, па затоа Унгарија е посветена да ја придружува Албанија на нејзиниот пат кон Европската Унија, додаде Сијарто. 

Рама од своја страна изрази задоволство од одржувањето на Меѓувладината конференција со што „Албанија се доближува до Европската Унија“, потенцирајќи дека иако во последно време можеби не е многу препорачливо дружењето со Унгарци, сепак тој дури и во присуство на двајца (Сијарто и Вархеји) се чувствува „навистина добро и безбедно“. 

Албанскиот премиер се заблагодари на унгарското претседателство и на сите земји членки, што по „пет предизвикувачко долги и не секогаш лесни години“, Албанија конечно се најде во позиција да ги почне преговорите по кластери како „многу значен чекор кон членството во ЕУ“. 

- Денеска е важен дена за луѓето во Албанија, но според мое мислење, и за Европската Унија и треба, се надевам, да ни биде потсетник за важноста да стоиме и работиме заедно. Тоа особено важи во ова предизвикувачко време каде што мноштвото кризи ја наметнуваат потребата да се зближиме и да застанеме сите заедно, рече Рама, додавајќи дека токму руската агресија врз Украина претставувала аларм за будење и потсетување за Европа дека илузијата на самодоволност е само илузија. 

Според него, иако ЕУ не била секогаш фер кон Албанија, земјата никогаш не се откажала од Унијата и членството во неа, бидејќи тоа би претставувало и откажување од индивидуалните слободи, слободното движење и функционалната демократија. 

- За нас ЕУ е прашање на живот или смрт за нашиот сон да живееме во земја во која индивидуалните слободи се несомнени, се почитува владеењето на правото и демократијата функционира за сите. Алтернативите на овие соништа се само различни видови на кошмари, додаде Рама. 

Тој нагласи дека на секој успех на Албанија во процесот на интеграција во ЕУ треба да се гледа како на уште еден чекор напред за целиот регион 

- Повеќе од кога било, на ЕУ и е потребен Западниот Балкан, исто како што и на Западот Балкан му треба поттик кон ЕУ, за да застане цврсто на нејзините вредности и принципи. Тоа е витален израз на ова верување. Нашите земји може да се разликуваат на многу начини и да бидат во различни фази на процесот, но едно нешто е исто секаде - желбата да се биде дел од оваа Унија, најуспешниот развоен проект што човештвото некогаш го создало. За Албанија нема друга иднина, нема друго место и нема друг начин освен нашата иднина во ЕУ, заклучи Рама. 

Според еврокомесарот Вархеји, иако денешниот старт на преговорите со Албанија по првиот кластер „Основи вредности“ можеби звучи како техничка работи, сепак тој го отвора патот за суштински разговори за условите под кои Албанија ќе стане членка на Европската Унија. 

 - Несомнено е дека за ЕУ, но и за нејзините лидери, проширувањето е меѓу првите три приоритети, затоа што без проширување Европа не може да зајакне. Ќе ни треба проширувањето со цел Европската унија да стане посилна, додаде Вархеји. 

Тој говореше и за остварувањата за време на неговиот мандат како еврокомесар за проширување, потенцирајќи дека беа направени три обиди за носење одлука за старт на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија, преземени мерки за приближување на земјите од Западниот Балкан до Унијата уште пред членството, како и дека беа усвоени Економскиот и инвестициски план и Планот за раст на регионот. 

Тој најави дека ЕК планира дополнителни седум милијарди евра за инвестициски проекти во регионот, што би можеле да привлечат дополнителни 20 милијарди евра инвестиции во реалната економија, а дополнително Планот за раст ќе им помогне на земјите од Западниот Балкан да ги забрзаат сите реформи кои се неопходни за членство во ЕУ. 

Вархеји истакна дека на крајот на мандатот на новата Комисија, би сакал да види како Албанија го номинира својот прв комесар во следната ЕК. 

- Албанија никогаш не се срамеше да направи се што е потребно на патот кон ЕУ и се надевам дека ова ќе продолжи, затоа што ако продолжи, со сите алатки што ги имаме, Албанија може да се подготви да стане членка до крајот на мандатот на новата Комисија, истакна Вархеји. 

Кластерот „Основни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни. 

Тој вклучува три критериуми - функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економски критериуми и пет поглавја - Судство и основните права, Правдата, слобода и безбедност, Јавните набавки и Статистика и финансиска контрола. 

Албанија е прва меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ, што ќе ги води пристапните преговори според ревидираната методологија за проширување на Унијата усвоена во 2020 година. Согласно оваа методологија, преговарачките поглавја се поделени во шест тематски кластери: „Основни вредности“,  „Внатрешен пазар“, „Конкурентност и инклузивен раст“, „Зелена агенда и одржливо поврзување“, „Ресурси“, „Земјоделство и кохезија“ и „Надворешни односи“. 

Одржувањето на Меѓувладината конференција беше овозможено откако Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) минатата недела го усвои Заедничкиот став на Унијата за отворање на првиот Кластер од преговорите за членство на Албанија.    

Одлуката Албанија да почне преговори за членство со ЕУ по кластери ја донесе Корепер минатиот месец, со што практично земјата е одвоена на својот европски пат од Северна Македонија. Досега двете држави се движеа заедно во пакет кон полноправно членство во Унијата. сп/  

Фото: Скриншот 

 

Остани поврзан