• недела, 22 декември 2024

СИРИЗА достави предлог-закон за истополовите бракови, грчкиот премиер утре ќе ги претстави владините позиции

СИРИЗА достави предлог-закон за истополовите бракови, грчкиот премиер утре ќе ги претстави владините позиции

Атина, 9 јануари 2024 (МИА) – Предлог-закон со 16 посебни членови достави во грчкиот Парламент пратеничката група на СИРИЗА за „отстранување на половата дискриминација во семејното право, обезбедување на правото на брак за сите лица“, додека пак Владата се очекува утре да ги објасни своите позиции за истополовите бракови, јави дописничката на МИА од Атина.

Во објаснувањето на предлог-законот на опозициската партија се наведува дека правата на ЛГБТ+ заедницата се човекови права, согласно резолуцијата на Европскиот парламент, а „ако бракот се земе предвид како индивидуално право, тогаш со родовите ограничувања на ЛГБТ+ луѓето, тие не можат да го уживаат ова право“.

- Браковите меѓу истополовите двојки веќе се признати во 14 земји-членки на Европската унија и во 18 земји-членки на Советот на Европа, објаснуваат од СИРИЗА.

Доставувањето на предлог-законот го најави лидерот на СИРИЗА Стефанос Каселакис минатата седмица, кога од грчкиот премиер побара да се изјасни дали поддржува брачна еднаквост.

- Господине Мицотакис, правите да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Кога еден човек е жеден за еднаквост и инклузија, не му велиш „чекај да објаснам“, како што изјавивте вчера. Нема што да му се „објасни“ на народот во врска со бракот за сите. Исто како што немаше што да им објаснат на општества лидерите кои во нивното време го укинаа ропството, ги воведоа правото на глас на жените, родовата еднаквост, граѓанскиот брак, граѓанското партнерство. Општествата никогаш не се подготвени, ако нивните лидери не се подготвени. Вие не можете, можеме ние. Вие се плашите, ние не, напиша на социјалните мрежи лидерот на СИРИЗА во петокот.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, на вчерашниот брифинг со новинарите објасни дека премиерот Кирјакос Мицотакис, в среда, во интервју за државната телевизија ЕРТ ќе излезе со повеќе информации за конкретната легислатива, односно за тоа кој е владиниот план, како ќе започне оваа дискусија итн. ср/паг/

Остани поврзан