• понеделник, 23 декември 2024

Синдикати на пет јавни универзитети бараат потпишување на колективните договори и итен прием кај претседателот на Собранието

Синдикати на пет јавни универзитети бараат потпишување на колективните договори и итен прием кај претседателот на Собранието

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Синдикати на пет јавни универзитети во државава во допис до медиумите соопштија дека го поддржуваат Сојузот на синдикатите на УКИМ (ССУКИМ) во остварувањето на нивните права кои произлегуваат од потпишаниот Колективен договор на вработените на Скопскиот универзитет. 

Синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“-Охрид и „Мајка Тереза’-Скопје информираат дека искажуваат „братска солидарност и поддршка во напорите на Сојузот на синдикатите на УКИМ (ССУКИМ) во остварувањето на нивните права“.

Воедно бараат итен прием кај претседателот на Собранието Јован Митревски, како правен застапник на основачот на јавните универзитети, со цел да ги потпишат колективните договори кои претходно ги доставиле.

-Доколку не бидеме примени најдоцна до 15 февруари 2024 како синдикати на наведените јавни универзитети, ќе преземеме други чекори и постапки кои соодвестуваат на современиот синдикализам, се наведува во соопштението. хс/аа/

Фото: принтскрин 

Остани поврзан