СЗО бара глобална промена во грижата за менталното здравје
- Дел од најзначајните причини за депресијата се сексуалното насилство во детството и вознемирувањето
Женева, 17 јуни 2022 (МИА) - Светската здравствена организација (СЗО) повика на глобална промена во грижата за менталното здравје, наведувајќи го наглиот пораст на проблемите поврзани со ова прашање од почетокот на пандемијата, јави ДПА.
Депресијата и анксиозноста се зголемени за 25 отсто само во првата година од пандемијата од Ковид-19, информира организацијата.
Во 2019 година, пред да започне пандемијата, околу една милијарда луѓе, или речиси еден на секој осми човек во светот, живееле со ментални здравствени проблеми. Лицата со тешки ментални болести умираат од 10 до 20 години порано од општата популација, се предупредува во извештајот.
Дел од најзначајните причини за депресијата се сексуалното насилство во детството и вознемирувањето.Социјалната и економската нееднаквост, војната, климатската криза и здравствените закани, како на пример пандемија, се посочуваат како ризични фактори што допринесуваат за психички заболувања.
- Инвестирањето во менталното здравје е инвестиција за подобар живот и иднина за сите, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. бд/зш/