• понеделник, 23 декември 2024

Се чисти речното корито покрај кејот на Куманово

Се чисти речното корито покрај кејот на Куманово
Куманово, 10 ноември 2022 (МИА) - Продолжува расчистувањето на речните корита во кумановско, соопштија денеска надлежните од општината. Коритото се расчистува покрај кејот на Кумановка во поширокото централно градск подрачје. -Продолжува расчистувањето на речното корито во делот на поширокото централно градско подрачје, односно кај градскиот кеј, изјави помошникот раководител на одделението за комунални дејности, Момчило Јовановски. Коритото на реката Кумановка делумно беше исчистено изминатиов период, по што дел од граѓаните кои живеат во населбите долж течението на реката, повторно фрлаа смет во реката. Општина Куманово во средината на октомври, склучи договор со компанија по претходно објавен тендер за расчистување на диви депонии на територија на општината и чистење на речните корита на реките Којнарка, Липковка, Кумановка и Крива река на територија на општина Куманово и диви депонии. На огласот, како што е наведено на електронскиот систем за јавни набавки, избрана е фирмата „ЕВРОГРАДБА-ИНЖЕНЕРИНГ“ ДООЕЛ село Владиевци, општина Василево. Вредноста на склучениот договор е 3.974.299 денари со вклучен данок на додадена вредност. Екологистите, пак сметаат дека има решение, кое не вклучува постојано трошење на ресурси на проблем кој се повторува. Тие предложија да се формира специјална бригада која ќе оперира на подрачјето покрај речното корито, редовно изнесување на смет, неколку пати во неделата и поставување на големи садови покрај течението на реката. Претходно, од општината најавија дека заеднички со невладините организации ќе работат на подигање на еколошката свест кај граѓаните од Куманово кои живеат долж течението на река Кумановка, ќе се постават повеќе метални садови за смет и полуподземни контејнери. ам/дма/

Остани поврзан