Се подготвува конститутивната седница на Собранието, претседателот треба да биде од редовите на коалицијата Вреди
- Во Собранието се вршат последните подготовки пред утрешната конститутивна седница на Собранието по парламентарните избори на 8 мај. Собранието ќе брои 120 пратеници, но на утрешната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандати за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки. Претседател на Собранието најверојатно ќе биде Африм Гаши од коалицијата Вреди, како што попладнево потврдија од партиските работни групи кои преговараа за нова влада.
Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Во Собранието се вршат последните подготовки пред утрешната конститутивна седница на Собранието по парламентарните избори на 8 мај. Собранието ќе брои 120 пратеници, но на утрешната седница ќе присуствуваат само 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандати за кои се прегласуваше минатата среда се уште течат жалбените постапки. Претседател на Собранието најверојатно ќе биде Африм Гаши од коалицијата Вреди, како што попладнево потврдија од партиските работни групи кои преговараа за нова влада.
Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата Вреди 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.
Со овој парламентарен состав започнува примената на новиот Деловник за работа на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свика претседателот на Собранието Јован Митрески.
До изборот на претседател на Собранието со конститутивната седница ќе претседава најстариот пратеник по години. Во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Дневниот ред на конститутивната седница, според Деловникот, ќе има три точки односно избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседателот на Собранието.
Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за конституирањето на Собранието и за изборот на претседателот на Собранието.
Претседавачот со првата седница назначува двајца од избраните пратеници, кои по потреба го заменуваат во претседавањето со седницата. Претседавачот со прозивка на избраните пратеници го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.
Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници.
Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието. Мандатот на пратениците Собранието го верифицира на конститутивната седница по предлог од Верификационата комисија која се избира по предлог од претседавачот.
Верификационата комисија се состои од претседател и четворица членови, од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно.
Собранието го претресува и гласа во целина по извештајот на Верификационата комисија. За извештајот на Верификационата комисија се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето по извештајот се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот. Ако Верификационата комисија го оспори изборот на одделен пратеник, на Собранието му предлага да ја одложи верификацијата на неговиот мандат. За секој предлог за одложување на верификацијата на мандат на пратеник, Собранието во рокот расправа и одлучува одделно.
Собранието може да ја одложи верификацијата на мандатот на пратеник и со заклучок да побара Државната изборна комисија да ги изврши потребните согледувања, заради проверка на законитоста и правилноста на спроведениот избор и во рок од 30 дена за тоа да го извести Собранието.
До добивањето на известувањето на Државната изборна комисија, пратеникот чија верификација на мандатот е одложена, нема право да присуствува на седниците на Собранието.
Верификацијата на мандатот на пратеници кои станале пратеници од листата на кандидати за остатокот од мандатот, Собранието ја врши на првата наредна седница врз основа на извештајот на Државната изборна комисија, а по предлог од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Со верификацијата на мандатот пратеникот се стекнува со права и должности утврдени со Уставот, закон и со овој деловник.
Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку 10 пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во Комисијата се обезбедува соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. По предлогот за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на Комисијата се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.
Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието. За избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24:00 часот.
Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници. Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието.
Предлогот за кандидат за претседател на Собранието се поднесува во писмена форма на седницата на Собранието и содржи име и презиме на кандидатот со биографски податоци и образложение, како и имињата и презимињата на пратениците кои го поднесуваат предлогот и нивни своерачни потписи.
Доколку се поднесени два или повеќе предлози за кандидат за претседател на Собранието, редоследот на кандидатите за претседател на Собранието се утврдува според азбучниот ред на нивните презимиња.
Со гласањето за избор на претседател на Собранието раководи претседавачот. Ако Собранието одлучи претседателот на Собранието да се избира со тајно гласање, на претседавачот при изборот му помагаат генералниот секретар на Собранието и тројца пратеници, кои ги избира Собранието на предлог на претседавачот од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.
Пратеникот има право да гласа само за еден од предложените кандидати за претседател на Собранието. Ако пратеникот гласа за повеќе кандидати за претседател на Собранието, неговото гласање се смета за неважечко.
За претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка. Ако за претседател се предложени двајца кандидати и ако на првото гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, гласањето се повторува.
Ако за претседател на Собранието се предложени тројца или повеќе кандидати, гласањето се повторува за двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови на првото гласање.
Ако меѓу кандидатите со најголем број гласови има кандидати со ист број гласови, гласањето се повторува за сите кандидати со најголем број гласови. Ако и на повторното гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
На друга седница ќе бидат избрани потпретседатели на Собранието, а бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието. Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на политичката партија застапена во Собранието која е најголема опозициона партија. Најмалку еден од потпретседателите се избира од помалку застапениот пол. ев/нд/
Фото: МИА архива