Се одржа „Крап куп Дебар 2023“, победник екипата „Ретро“ од Дебар
- На брегот на Дебарско Езеро, кај градската плажа, изминатите четири дена се одржа традиционалниот натпревар во риболов „Крап куп Дебар 2023“.
Дебар, 10 септември 2023 (МИА) – На брегот на Дебарско Езеро, кај градската плажа, изминатите четири дена се одржа традиционалниот натпревар во риболов „Крап куп Дебар 2023“.
Силите, подготвеноста и умешноста во ловењето крап ги одмерија 15 екипи со по тројца членови, од градот домаќин, како и од Скопје, Тетово, Кичево и струшките села Враништа и Лабуништа.
Првото место, со уловени 14 килограми и 290 грама, го освои екипата на „Ретро“ од Дебар, втора беше екипата на „Алхемичари 1“ од Кичево со уловени 10 килограми и 290 грама, додека треба екипата „Статер“ од Враништа со уловени 8 килограми и 550 грама.
Наградата за најголема риба ја делат „Ретро“ и „Статер“ со уловени примероци од по 6 килограми и 800 грама.
Организатори на натпреварот беа спортското риболовно друштво „Трофта“-Дебар и „Carp Tim“-Тетово, главен покровител беше Општина Дебар. Поддршка имаше и фирми од повеќе градови.
Медалите и пехарите на победниците им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука.
-На победниците им ги честитам освоените места. Горд сум што нашиот град беше достоен домаќин на една ваква активност и задоволен од бројот на екипите учеснички. Ви посакувам на сите добро здравје, голема среќа во животот и риболовот и убеден сум дека повторно ќе се видиме на други натпревари, но како рекреативни риболовци секогаш сте добредојдени, рече Дука.
Задоволство од успешно реализирниот натпревар изрази и претседателот на дебарското риболовно друштво Бели Халити.
-Поминавме убава дружба, така посакувам да продолжиме зашто и вие и сите рекреативни риболовци се добредојдени на нашето езеро и во нашиот град. Голема благодарност до главниот спонзор-општина Дебар и до сите спонзори. Риболовот е начин на живот, лек за душа, убавина за очи, рече тој.
Освен медалите и пехарите, за прво место доделена беше награда од 300 евра, за второ 200 и трето место 100 евра. За најголема уловена риба наградата беше 100 евра, а ја делеа две екипи. Имаше и други награди обезбедени од спонзори. вт/мч/
Фото: МИА