СЕХА Лига: Победа на РК Еурофарм Пелистер против Војводина
Битола, 2 март 2023 (МИА) - Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва во Битола ја совладаа Војводина со 30:25 и ги продолжија теоретските шанси за пласман во следната фаза од ракометната СЕХА Лига.
Гостите од Нови Сад иако допатуваа со т.н. втор состав, со мал број на играчи и со заменскиот тренер на екипата, сепак оставија одличен впечаток и дадода силен отпор на македонскиот вицешампион кој се чини е во натпреварувачка криза.
Малубројната битолска публика (околу 500 гледачи) во првото полувреме забележа мал блесок на домашните ракометари кои во 10 минута поведоа со 6:1, но мотивираните гостински ракометари првиот дел го завршија само со два гола негатива, односно 14:12.
Второто полувреме почна израмнето, а втора предност од 5 голови, РК Еурофарм Пелистер оствари дури во 53 минута кога поведе со 27:22. Проценките дека резултатот ќе биде идентичен како во Нови Сад се остварија бидејќи битолчани тогаш загубија со 29:24, а денес забележаа пирова победа со 30:25. Гол повеќе постигнат на гостински терен можеби ќе биде решавачки во конечниот лик на табелата.
Статистички најефикасен на натпреварот беше интернационалецот Каспер Кисум кој постигна 9 голови за Еурофарм Пелистер, додека во тимот на Војводина се истакна Ковачевиќ со 8 прецизни удари во битолската мрежа. мт/зс/