• вторник, 05 ноември 2024

Серија настани „Земјотресна недела“ во Културниот центар Бруталиск

Серија настани  „Земјотресна недела“  во Културниот центар Бруталиск

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - „Земјотресна недела“ се насловени серија настани кои ќе се организираат во Културниот центар Бруталиск за одбележување 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Ќе почне со промовирање две книги и ќе заврши со проекција на документарни филмови на денот на годишнината. Ќе има и музичка викенд програма, како и тематско, земјотресно издание на бар квизот на Бруталиск.

 „Земјотресна недела“ ќе почне в четврток во 20 часот со промоција на антологијата „Скопски раскази” и разговор со уредниците на изданието. Посетителите ќе имаат можност да ја купат по промотивна цена книгата раскази за Скопје од познатите македонски автори како Славко Јаневски, Блаже Конески, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Аљоша Руси, Данило Коцевски, Владимир Мартиновски, Горан Стефановски, Игор Исаковски, Пандалф Вулкански, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Румена Бужаровска, Жарко Кујунџиски, Владимир Лукаш...

Наредниот ден, 21 јули, од 19 до 20:30 часот ќе се одржи едукативна работилница „Љубов голема колку Скопје“ за деца и млади во која преку различни забавни и креативни активности (игри со временски капсули, пишување стари писма, разгледби на Скопје пред земјотресот) ќе го видат градот со поинакви очи.

-Работилницата ја води Александра Тодоровиќ која во својата истоимена книга веќе им го претстави градот преку една љубовна приказна. Искусна во ова што го прави, со многу успешни работилници зад себе, Александра ги води децата низ едно несекојдевно патување во времето. Книгата за деца „Љубов голема колку Скопје“ ќе може да се купи по промотивна цена вечерта во Бруталиск, соопшти организаторот на настаните. 

Музичката викенд програма ќе почне со Vanilla Friday сет на диџеј Соња Исмаил, а Brutal Saturday е резервирана за Herzel кој првпат настапува во Бруталиск.

Познатиот бар квиз во соработка со Македонската квиз асоцијација ќе има 13-то издание во вторник, 25 јули,  со прашања поврзани со скопскиот земјотрес. Учесниците треба да пријават тимови најдоцна до понеделник, а победниците по правило добиваат подароци од бутикот на Бруталиск.

Денот на земјотресот ќе биде одбележан со документарна филмска вечер. „Скопје сонува“ на скопската режисерка Дина Дума, како и неколку стари документарни филмови во продукција на МРТВ за скопскиот земјотрес кои ќе бидат прикажани првпат во летната градина во Дебар Маало на бул. Илинден 38. хс/дма/

Фото: Бруталиск

 

Остани поврзан