• петок, 22 ноември 2024

Серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ на македонски јазик избрана во најуспешните меѓународни издавачки проекти во Кина

Серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“ на македонски јазик избрана во најуспешните меѓународни издавачки проекти во Кина
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Издавачкиот комитет при Кинеската издавачка асоцијација ги одбра најдобрите меѓународни преводни издавачки проекти на кинеската литература во рамките на иницијативата за соработка „Појас и пат“. Од неколкуте стотици издавачки проекти, меѓу 25-те најуспешни проекти досега, избрана е серијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, која „Македоника литера“ ја реализира во соработка со издавачката куќа „Делфин книги“ од Пекинг и во која досега се публикувани 18 книги - избори од прозното творештво на најпознатите современи кинески писатели за деца и млади. Главниот уредник на оваа серија, Ванг Ќуанген, е првиот доктор супервизор за литературата за деца во Кина, професор на Нормал универзитетот во Пекинг и заменик-директор на Комитетот за литература за деца на Асоцијација на писатели на Кина. Оваа репрезентативна и антологиска серија е прифатена како нова и исклучително квалитетна понуда за македонските читатели, а текстови од овие книги веќе се најдоа и во новите учебници и прирачници за основното образование. На Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип досега се изработени над дваесетина семинарски теми за книги од серијата, како и еден дипломски труд посветен на целата серија, информираа од „Македоника литера“. рп/сп/

Остани поврзан