Семејство од каменичкото село Дулица со влошени услови за живот, се прават напори за подобрување на пристапот до нивниот втор дом во Виница
- Во каменичкото село Дулица група граѓани од Делчево доставија донација од парични средства и производи за домаќинството наменети за семејството Ивановски. Здравко и Ерика Ивановски се млад брачен пар кои од пред два и пол месеци добија ќерка, моментално живеат во Дулица каде условите за живот не се баш идеални за млад брачен пар.

Македонска Каменица, 12 април 2025 (МИА) - Во каменичкото село Дулица група граѓани од Делчево доставија донација од парични средства и производи за домаќинството наменети за семејството Ивановски. Здравко и Ерика Ивановски се млад брачен пар кои од пред два и пол месеци добија ќерка, моментално живеат во Дулица каде условите за живот не се баш идеални за млад брачен пар.
-Се прават напори, заедно со моите родители јас, сопругата и двомесечната ќеркичка да се преселиме во куќата во Виница. Таму имаме проблем засега со патот и пристапот до нашиот дом. За решавање на овој проблем деновиве не посетија градоначалниците на Македонска Каменица и Виница. Таму куќата треба да се доуреди во нејзиниот внатрешен дел, инаку надворешно е изградена и е во добра состојба, вели 29-годишниот Здравко Ивановски.
Во Дулица семејството егзистира од одгледување овци, а доколку биде решен проблемот со патот во домот на Ивановски во Виница, како што вели самиот Здравко, обезбедено му е работно место. За село Дулица вели дека останале уште малку луѓе кои одгледуваат стока во овој крај.
-Во село Дулица има уште неколку луѓе и семејства што чуваат крави и овци. Ама и тоа изумира, од година во година оди надоле, штом нема вредност за стоката да се третира како треба, ќе снема и стока. Слободно може да дојде да ме посети секој да види како живеам, јас сум тој човек. Овде со вода се снабдуваме со цистерни, некогаш со моторот носам од подолниот извор, некогаш со моето магаре. Претежно татко ми одгледува овци, бидејќи мора со нешто да се занимава човек штом е тука, вели Ивановски.
Со цел да изразат поддршка за ова семејство и нивната двомесечна ќерка, група граѓани од Делчево доставија прехранбени производи и парични средства, најавувајќи дека остануваат на располагање доколку нешто им биде потребно по преселбата од Дулица во Виница. вс/вј/
Фото: МИА