• среда, 25 декември 2024

Северна Кореја истрела две балистички ракети во Јапонското Море по пристигнувањето на американска подморница

Северна Кореја истрела две балистички ракети во Јапонското Море по пристигнувањето на американска подморница

Сеул, 24 јули 2023 (МИА) – Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел во Јапонското Море, неколку часа откако американска подморница на нуклеарен погон пристигна во Јужна Кореја, соопшти јужнокорејската војска.

Ова беше трето лансирање од страна на Северна Кореја во последните седум дена, во знак на протест поради тоа што САД испратија голема количина поморска опрема во Јужна Кореја.

Северна Кореја околу полноќ по локално време истрела две ракети од област во близина на главниот град Пјонгјанг, соопшти јужнокорејската војска. Во соопштението се наведува дека двата проектили летале околу 400 километри пред да паднат во Јапонското Море источно од Корејскиот Полуостров.

Војската на Јужна Кореја го осуди лансирањето на ракетата како „сериозна провокација“ која ги загрозува мирот и стабилноста и нагласи дека соработува со американската војска на заострување на надзорот над воените активности на Северна Кореја.

Неколку часа пред лансирањето на севернокорејската ракета, јужнокорејската морнарица соопшти дека американската подморница на нуклеарен погон „Анаполис“ пристигнала во пристаништето на островот Џеџу.

Минатата недела првата американска нуклеарна подморница Кентаки пристигна во Јужна Кореја, како прва од 1980-тите.

Северна Кореја одговори на нејзиното пристигнување со истрелување балистички и крстаречки ракети, што беше протолкувано како предупредување од Пјонгјанг дека може да изврши нуклеарни напади врз Јужна Кореја и американските бродови. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан