• петок, 05 декември 2025

Само еден од тројцата кандидати за градоначалник на Центар Жупа го потпиша кодексот за фер и демократски избори

Само еден од тројцата кандидати за градоначалник на Центар Жупа го потпиша кодексот за фер и демократски избори

Дебар, 26 септември 2025 (МИА) - Во просторите на Општинската изборна комисија за Општина Центар Жупа, попладнево кодексот за фер и демократски избори го потпиша само еден од тројцата кандидати за градоначалник.

- Врз основа на Изборниот законик се подготвивме за потпишување на кодексот, но се појави само кандидатот за градоначалник од Турската демократска партија (ТДП), Аријан Ибраим. Другите двајца кандидати, Алил Емрула, од партијата Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ) и Инајет Баки од Партијата за движење на Турците (ПДТ) не дојдоа, изјави за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.

Ибраим, градоначалник на оваа општина беше во три последователни мандати.

-Го потпишав кодексот што сметам дека е чин на достоинсвеност и човечност, порачувам да го почитуваме секој глас, да постапуваме праведно и да обезбедиме целосна транспарентност. Оставам на граѓаните да одлучат за кого ќе ја дадат поддршката, во фер и демократска атмосфера, како што покажале нашите граѓани во сите изборни циклуси, рече Ибраим за МИА.

Кандидатски листи за 9-члениот совет (двајца помалку од претходно), имаат ТДП, каде носител на листата е Абдул Реџеп, СДСМ, Ајрис Беќироски, ВМРО ДПМНЕ, Шуаип Ракипоски, ДНЕТ, Наим Хусеин и Џансур Рахман од ПДТ која е единствена жена носител на листа во оваа и соседната општина Дебар.

Претходно во текот на денов кодексот за фер и демократски избори го потпишаа тројцата кандидати за градоначалник на Дебар, Илирјан Фетаху, кандидат на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Фисник Меља од ВРЕДИ (ВЛЕН) и Рамадан Имери,

независен кандидат, кои потоа заедно со дел од членови на ОИК имаа заедничка кафе - средба.

Двете општини потпаѓаат под Изборна едница број 5. Во општина Дебар ќе се гласа на 27 избирачки места каде во единствениот избрачки список се 19.763 лица со право на глас, додека во општина Центар Жупа на 16 избирачки места а право на глас имаат 7.551 лица. вт/сст/

 

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан