Сали: Не може да не се постави прашањето чија вистинска иницијатива била амнестијата на „Брако“
- Не може да не се постави прашањето; чија вистинска иницијатива била амнестијата на БРАКО и продолжувањето на исплатата, не почитувајќи ја препораката од ревизијата?! Дали ова било барање на Ковачевски, добра можност за Фатмир Меџити или наредба на Артан Груби?!, истакна на денешната прес-конференција поранешниот министер за здравство, Беким Сали, во однос на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово, кој претходно ја потврди процедурата спомната на емисијата „Убиство во Тетово“ објавена од страна на Институтот за репортерска лабораторија каде што се објаснува за прекинот на исплата и раскинување на договорот со „Брако“ по направената ревизија од страна на Министерството. Но, како што кажа Сали, и покрај препораките на внатрешна ревизија, неговиот наследник, преку Владата иницирал исплата на долгот кон оваа компанија.
Скопје, 15 август 2023 (МИА) - Не може да не се постави прашањето - чија вистинска иницијатива била амнестијата на БРАКО и продолжувањето на исплатата, не почитувајќи ја препораката од ревизијата? Дали ова било барање на Ковачевски, добра можност за Фатмир Меџити или наредба на Артан Груби?, истакна на денешната прес-конференција поранешниот министер за здравство, Беким Сали, во однос на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Тој претходно ја потврди процедурата спомената во емисијата „Убиство во Тетово“ објавена од страна на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) каде што се објаснува за прекинот на исплата и раскинување на договорот со „Брако“ по направената ревизија од страна на Министерството. Но, како што кажа Сали, и покрај препораките на внатрешната ревизија, неговиот наследник, преку Владата, иницирал исплата на долгот кон оваа компанија.
- Која е обврската што оваа власт ја има кон Кочо Анѓушев и зошто власта дозволува да гази над лешовите од пожарот на 8 септември 2021 година само за да има корист уште неколку милиони евра? А што друго треба да се случи за Ковачевски и Фатмир Меџити да поднесат оставки и да се извинат за сите овие штети што им ги нанесуваат на граѓаните, посочи Сали.
Тој постави и прашање за одговорноста на главниот обвинител Љубомир Јовевски, кој, како што потенцираше Сали, наместо да му се обрати на виновникот и да бара виновници меѓу оние што ги изградија тие модуларни болници, поднел тужба за споредна одговорност, игнорирајќи ја основната одговорност на фирмата изведувач, на нарачателите и поддржувачите на оваа компанија.
- Уште колку жртви треба да се случат, колку луѓе треба да изгорат во пламен за обвинителството да почне да се занимава со виновниците? Во земја каде пациентите горат во болница, каде што функционерите бројат милиони, каде што обвинителите се потсмеваат на жртвите и каде што виновниците се наградуваат со милиони повеќе, дошло време да се каже дека оваа земја е целосно банкротирана и треба да се рестартира, подвлече поранешниот министер за здравство, Сали.
На новинарско прашање дали останатите болници се од истиот материјал според извршената ревизија, тој потврдно одговори дека се работи за ист материјал и дека за останатите модуларни болници со финансиерите на проектот имале договор за обезбедување на противпожарен систем на сите модуларни болници и начелно тие не би биле користени како модуларни болници или за подолг престој на пациенти, туку би биле користени како вакцинални пунктови или пак како лаборатории каде што престојот на пациентите не би бил подолг од еден ден.
Во однос на прашањето околу проблемот со инсулинот, Сали појасни дека сите процедури коишто биле вклучени во делот на јавната набавка за инсулин и сите пропратни процедури биле навремено објавени.
- Знаете за првпат оваа година обезбедивме сензори за деца, односно за пациент од типот еден, и тие наскоро ќе добијат сензори, меѓутоа ние веќе не бевме во Министерство за да можеме да склучуваме договори или пак нашата екипа која што беше во јавните набавки не беше со мандат за да ја заврши целосната процедура. Јас не знам зошто доцни инсулинот. Тука е новиот министер да каже зошто доцни. Меѓутоа одговорно тврдам дека ние сите процедури коишто беа вклучени во делот на јавната набавка за инсулин и сите пропратни процедури беа навремено објавени и со препораки на Комисијата која што требаше да даде спецификации за набавка на инсулин и останатиот дел, додаде тој.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарен филм „Убиство во Тетово“ открива дека нивното истражуање покажало дека модуларните ковид-болници, вклучувајќи ја и изгорената во Тетово, биле градени несоодветно заобиколувајќи повеќе законски процедури. Се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и низа други законски пропусти, наведуваат новинарите во документарецот. сх/нд/
Фото: МИА