• четврток, 19 декември 2024

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа 

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа 

Вашингтон, 8 мај 2024 (МИА) - Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа неименуван високо позициониран американски функционер.

-Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1.800 бомби од 907 килограми и 1.700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана, рече претставникот.

Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.

Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

-Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи, додаде американскиот функционер.

Израелската армија вчераутро распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан