• петок, 22 ноември 2024

Сè уште не се знае дали принцезата од Велс ќе учествува во доделувањето трофеи на Вимблдон

Сè уште не се знае дали принцезата од Велс ќе учествува во доделувањето трофеи на Вимблдон

Лондон, 28 јyни 2024 (МИА) - Принцезата од Велс, Кетрин (Кејт) Мидлтон редовно го посетува Тенискиот турнир Вимблдон и учествува во доделувањето трофеи на победниците. Вимблдон почнува на 1 јули, а иако Кејт се држи подалеку од очите на јавноста по нејзината дијагноза на рак, организаторите на турнирот се надеваат дека принцезата и оваа година ќе ја продолжи традицијата на доделувањето на трофеите.

Претседателката на Клубот „Ол Ингланд“ што го организира турнирот, Деби Џеванс за „Телеграф спорт“ изјави дека ќе ѝ дадат „што е можно поголема флексибилност“ на принцезата од Велс.

- Се надеваме дека принцезата од Велс ќе може да ги предаде трофеите како покровителка на клубот, но во мигов, нејзиното здравје и закрепнувањето се најважни. Сè уште не знаеме ништо. Сè што велиме е дека ќе работиме со неа, ќе ѝ дадеме колку што е можно повеќе флексибилност. Не знам ниту кој би ги доделувал трофеите како замена. Остануваме флексибилни, изјави Џеванс.

Кејт Мидлтон е љубителка на тенис, па како таква е и покровителка на „Ол Ингланд“ клубот за тенис на трева и крикет. Меѓутоа, откако ѝ е дијагностициран рак, таа е надвор од службените обврски.  си/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан