• четврток, 16 мај 2024

Сè е подготвено за денешната инаугурација на претседателот на Аргентина

Сè е подготвено за денешната инаугурација на претседателот на Аргентина

Буенос, Аирес, 10 декември 2023 (МИА) - Во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес сè е подготвено за денешната инаугурација на новиот претседател Хавиер Милеи, човекот кој ја потресе политичката сцена на оваа земја.

Во услови на бројни економски и други проблеми со кои се соочува Аргентина, Милеи успеа да стекне најголема популарност меѓу гласачите и со низа необични изборни ветувања победи на неодамна одржаните избори во оваа земја.

„Како кандидат, Милеи вети дека ќе го „исчисти“ политичкото раководство од корупција и ќе ја елиминира Централната банка на Аргентина, која ја обвини дека печатела пари и ја поттикнува инфлацијата“, пишува Еј-Би-Си Њуз.

Исто така, Милеи претходно се претстави како „воин против глобалниот социјализам“ и рече дека му се восхитува на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Како своевиден симбол на политиките што ќе се обиде да ги спроведе, Милеи често носеше моторна пила на изборните митинзи, што беше симбол на најавеното кратење на трошоците во земјата.

Пред инаугурацијата во Аргентина пристигнаа бројни државници, а Милеи се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан. На инаугурацијата на Милеј пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Посетата на Зеленски е силен политички гест кон регионот. Ова е првпат Зеленски да ја посети Јужна Америка по руската инвазија на Украина“, пишуваат аргентинските медиуми. ссм/

фото: архива

Остани поврзан