Руте: Треба да обезбедиме доволно помош за Украина за да го смени правецот на конфликтот
- Мораме да и пружиме доволно помош на Украина за да го смени правецот на конфликтот, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на алијансата во седиштето на организацијата во Брисел.
Брисел, 4 декември 2024 (МИА) - Мораме да и пружиме доволно помош на Украина за да го смени правецот на конфликтот, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на алијансата во седиштето на организацијата во Брисел.
-Сакаме Украина да биде во силна позиција за еден ден владата во Киев да влезе во преговори со руската страна за прекин на конфликтот. Украинската влада треба да одлучи за ова и да биде во силна позиција да го добие она што го сака и ако (рускиот претседател Владимир) Путин не може да го добие она што го сака - тој треба да разбере дека нема излез, додаде Руте. „Не можам да кажам кој треба да биде на преговарачката маса“, додаде тој, на прашањето дали може да се очекува ангажман на НАТО.
„Војната во Украина е закана за сите - во замена за војниците и оружјето што ги обезбедува Пјонгјанг, Русија и дава помош на Северна Кореја за развој на севернокорејската ракетна и нуклеарна програма. Ова може да го дестабилизира Корејскиот полуостров, па дури и да претставува закана за САД“, објасни генералниот секретар.
Руте рече дека сојузниците работат на обезбедување 40 милијарди евра одбранбена помош за Украина за оваа година.
-Работиме на испорака на дополнителни средства за противвоздушна одбрана. Разговаравме за злонамерните дејства на Русија против сојузниците, одобривме мерки против кибер напади, споделување разузнавачки информации, подобра заштита на критичната инфраструктура и посилна акција против руската морнарица во сенка, рече Руте.
„Ние сме способни да одговориме на секој ривал или непријател кој ќе се обиде да ни наштети“, рече тој одговарајќи на прашање за изјавите на руската страна за можна употреба на нуклеарно оружје. „Денеска можеме да се браниме, пред неколку години тоа не беше случај. Два проценти од БДП за одбрана не се доволни, воена опрема произведуваме недоволно, скапо и полека, ова мора да се промени“, инсистираше генералниот секретар.
Руте додаде дека крајот на воената состојба во Јужна Кореја покажува дека „во земјата владее правото“.
-Очекувам Јужна Кореја да остане силен поддржувач на Украина, рече тој. мс/
фото: МИА архива