• среда, 25 декември 2024

Рурална коалиција: Дигитализацијата речиси ја нема во руралните средини, неопходни се обуки

Рурална коалиција: Дигитализацијата речиси ја нема во руралните средини, неопходни се обуки
Прилеп, 17 февруари 2022 (МИА) - Во руралните средини речиси не се користат електронските услуги, посебно од локалните самоуправи. Само 4,5 отсто од населението во руралните средини се информира за работењето на општините преку нивните веб-страници, а само 12 отсто електронските услуги се застапени во руралните општини, констатираат од невладината „Рурална коалиција“ по истражувањето што го спровеле на 300 испитаници од три рурални општини Кривогаштани, Старо Нагоричане и во општина Врапчиште. Според нив, главни причини за тоа се високата недоверба во институциите, ниската информатичка писменост кај населението и недоволната информатичка инфраструктура во општините за кои велат дека им требаат пари. Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална коалиција вели дека дури за 48 отсто од населението најкорисно е одењето на шалтер, но признаваат дека електронскиот начин ќе ги скрати постапките. - Ковид пандемијата ја поттикнаа дигитализацијата, но според истражувањето што го спроведовме нема некаква разлика за користењето на електронските услуги пред пандемијата и сега. Сведоци бевме на долгите редици пред шалтерите, особено пред подрачните единици на Министерството за земјоделство. Тоа нѐ поттикна за истражувањето во руралните општини Кривогаштани, Старо Нагоричане и Врапчиште како три-пилот општини во рамките на проектот за да се види реалната состојба. Кај населението сѐ уште преовладува ниската доверба  во електронското издавање документи и во самиот систем, објасни Јоноски. Од друга страна, додаде, се истакна дека сѐ уште се нема доволна навика, или познавање на услугите кои ги нудат општините, особено, по електронски пат. -Мало е нивото на дигиталната писменост, па упатува на заклучок дека недостасува едукацијата кај населението, особено во руралните средини. Дури преку 56 проценти од населението никогаш не ја посетиле веб-страницата на општината. И кај електронското плаќање на режиските трошоци е многу ниско, само 16 проценти, посочи Јоноски. Загрижувачи е, како што рече, што преку 40 отсто од населението сметаат дека имаат свои познаници во општините и тоа им е наједноставниот начин да завршат работа. -Сепак, населението смета дека дигитализацијата ќе биде, всушност, еден од основните начини како да се обезбеди еднаков пристап на сите граѓани до услугите кои ги нудат локалните институции, вели Јоноски. Николче Папучкоски од локалната самоуправа на Кривогаштани вели дека основни кочници за електронските услуги кај населението, но и кај администрацијата се неопходноста од обуки, а главна е недостигот од пари за дигитална инфраструктура. -Имавме проект за да го поттикнеме електронскиот начин на давање и примање е- услуги. Повисока е старосната граница на населението, а ниска е информатичката писменост. Со проектот констатиравме дека многу малку од населението поседува картички за електронско плаќање. Имаме можност за електронска достава на документи преку е-маил, но немаме систем кој може да комуницира со луѓето. Потребни се средства да се вложат во технологија, во обука на администрацијата која е и голем дел повозрасна и потребни се дополнителни обуки, вели Папучкоски. Според Лилјана Јоноски иако државата го нагласува процесот на дигитализација, тој не стигнал во руралните средини. - Повеќе од потребни се обуки за двете страни - за населението и за администрацијата. Само преку соработка и воспоставување механизми кои ќе овозможат лесен, разбирлив пристап до електронските услуги, ќе се унапредат процесите на реформа на јавната администрација, но и на зголемувањето на квалитетот на услугите што ги нудат и јавните институции и општините, порача Јоноски од Рурална коалиција.ем/вј/

Остани поврзан