• четврток, 04 декември 2025

Рудник САСА со еко кампања „Супер добри дела“

Рудник САСА со еко кампања „Супер добри дела“

Македонска Каменица, 1 ноември 2025 (МИА) – Во периодот од 22 до 31 октомври, Рудник САСА, во соработка со детската градинка „Бамби“, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, ја реализираше еко кампањата „Супер добри дела“, наменета за најмладите жители на Македонска Каменица. Преку забавни и едукативни активности, кампањата ги поттикна децата да научат повеќе за рециклирањето, заштитата на животната средина, општествената одговорност и емпатијата.

Во рамките на активностите, децата од ЈОУДГ „Бамби“, учениците од прво до петто одделение од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и корисниците од Дневниот центар, предводени од своите наставници и асистенти, рециклираа пластични шишиња во вендинг машината во градот, донирана од Фондацијата на Рудник САСА.

За секое рециклирано шише тие добиваа поени, а средствата од рециклирањето – кои со одлука на менаџментот на Фондацијата беа неколкукратно зголемени – ќе му бидат ставени на располагање на Дневниот центар за лица со посебни потреби за набавка на потребни намирници.

Како награда за своето учество, децата добија симболични подароци – еко торби и влезници за едукативната театарска претстава со еколошка порака „Марсовски пикник“, изведена во Домот на културата во Македонска Каменица. Претставата, исполнета со хумор, музика и интерактивна игра, на креативен начин ги запозна најмладите со темите за рециклирањето и грижата за планетата Земја.

-Со оваа еко кампања сакавме да покажеме дека секое мало добро дело создава голема промена, како за заедницата, така и за животната средина. Особено сме среќни што преку игра и забава ги вклучивме децата во процесот на учење за рециклирањето и солидарноста, изјави Марија Стојановска, раководител на Службата за заштита на животната средина во Рудник САСА.

Еко кампањата „Супер добри дела“ е дел од низата општествено одговорни активности што ги реализира Рудник САСА во рамките на својата долгорочна стратегија за заштита на животната средина, одржлив развој и поддршка на локалната заедница.вс/ар
Фото: МИА

Остани поврзан