• понеделник, 23 декември 2024

Рот: Уставните измени можеби се болни, но се неопходни

Рот: Уставните измени можеби се болни, но се неопходни

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Уставните измени се можеби болни, но се неопходни и затоа сакам да ги охрабрам моите колеги овде во Парламентот, во Владата, да го сторат најдоброто за да ја вратат земјата на европскиот пат, порача денеска во Скопје претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундетагот и поранешен државен министер на Германија за Европа Михаел Рот.

- Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците, изјави Рот пред денешната конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, што се одржува во Собранието.

Проблемите, вели Рот, не треба да се решаваат со заземање територии и етничко чистење, туку со соработка, пријателство помирување меѓу различни етникуми.

- Ценам што толку многу луѓе во земјава веруваат дека иднината на земјата е во обединета Европа. Но, за жал, војната се врати во Европа со руската агресија врз Украина. Тоа не е закана само за луѓето во Источна Европа туку за сите нас. Праќаме многу едноставна порака - да ние сме окупирани со војната, но тоа не занчи дека ја забораваме важната улога на што земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија ја играат за иднината на Европа, истакна Михаел Рот.

Германскиот парламентарец дојде во Скопје како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Северна Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ. Рот во текот на денов ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. са/ац/

Остани поврзан