• среда, 18 февруари 2026

Ристески: Успешна е реколтата тутун од 2025-та, имаме предлог цени за новото тутунопроизводство

Ристески: Успешна е реколтата тутун од 2025-та, имаме предлог цени за новото тутунопроизводство

Прилеп, 18 февруари 2026 (МИА) - Откупот на тутунот е при крај, откупени се 26 072 тони тутун што е 99 проценти од реколтата со просечна цена од 419,018 денари со што реколтата за 2025 година се смета за успешна, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија. 

-Ова ни дава за право да мислиме дека реколтата од 2025 година е успешна, особено што во моментов е зголемен интересот за склучување нови договори. За оваа година предвидуваме реколта од 28 000 до 29 000 тони тутун. Тутунарите се задоволни со цената и покрај субвенциите по килограм откупен тутун, тутунарите добиваат субвенции по површина и за зелена нафта. Сето сумирано, субвенцијата за тутун стигнува до 100 денари за килограм, објаснува Ристески.

Деновиве Сојузот ги заврши преговорите со откупувачите на тутун за новата реколта. Предложени се нови цени и до 20 февруари се чека на одговор од откупувачите, зашто од 1 март почнува склучувањето нови договори.

-Ние дадовме заклучок за цените по класи во новите договори: 510 денари за прва, 460 за втора и 400 денари за трета класа тутун. Рокот да се изјаснат откупувачите е 20 февруари. Доколку  не се изјаснат, ќе сметаме дека новата реколта ќе се откупува само во прва класа. Инаку склучувањето на новите договори е од 1 март, вели Ристески.

По вчерашната средба во Министерството за земјоделство за програмата за субвенционирање за оваа година, од Сојузот се уверени дека нема намалување на субвенционирањето во земјоделството, а е донесен и став да се изготви календар за исплата на заостанатите субвенции. Реакциите на одредени земјоделски здруженија дека се намалуваат субвенциите се неосновани, особено што оние со помали површини за производство може да се здружуваат и да ги користат субвенциите, смета Сојузот.

-Имаше мали забелешки за календарот за исплаќање на субвенциите за сточарите, за овоштарите. Се донесе заклучок да се воведе календар за исплаќање на субвенции. Исплатата на субвенциите да биде квартално- на секои четири месеци, изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија. ем/вг/

фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан