• недела, 22 декември 2024

Реформа на процесите на УЈП - ќе се открива неплатен данок и ќе се подобрат услугите за граѓаните

Реформа на процесите на УЈП - ќе се открива неплатен данок и ќе се подобрат услугите за граѓаните

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) – Претстои голем реформски процес на редизајнирање на деловните процеси и нивно автоматизирање и дигитализирање, со кои ќе се промени начинот на пресметки на платите и собирање на даноците, најави новата директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Елена Петрова. Со новините се очекува да биде променет сегашниот, како што рече, традиционален начин на функционирање на УЈП како даночна администрација.

-Тоа значи дека во некоја блиска иднина, наместо неповрзани системи, пресметувањето и плаќањето на даночните  обврски би преминале во еден поврзан интероперабилен даночен екосистем, во кој би имало поврзаност меѓу системите на УЈП, даночните обврзници, со тоа што пресметувањето и плаќањето на даночните обврски треба да биде вградено всушност во деловните системи на даночните обврзници, како дел од нивното секојдневно деловно работење, изјави Петрова за медиумите по отворањето на сесијата „Градење кохезивна дигитална инфраструктура за развој на напредни јавни финансии“ што ја организираше Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Од аспект на собирање на даночните приходи, рече директорката на Управата, реформата ќе значи дека податоците во УЈП нема да доаѓаат како историски податоци, по завршување на даночниот период, туку ќе бидат достапни во реално време односно во време кога ќе се случуваат оданочивите деловни трансакции.

-Со тоа УЈП ќе може во реално време да има пристап и да ги следи ризиците, отстапувањата во пресметувањето на даночните обврски и да овозможи во реално време да се собира точниот износ на данок односно да се собираат точните даночни приходи, рече директорката на УЈП.

Достапноста на податоците во УЈП во реално време што ќе се обезбеди преку дигитализацијата ќе овозможи и брзо справување со разни форми на неплаќање данок кои, како што рече, „може да е движат од ненамерни грешки па сѐ до свесни и намерни злоупотреби и даночни измами“. 

Петрова посочи дека овие процеси ќе овозможат и достапност на услугите што од Управата за јавни приходи треба да ги  примаат даночните обврзници.

-Наместо граѓаните да ги добиваат услугите на шалтери и преку персонализирани контакти со даночни службеници, ќе имаме нов пристап каде услугите ќе бидат достапни преку електронските системи  што ќе овозможи поголема конзистентност, скратување на времето потребно за добивање на услугите и, воопшто, повисоки стандарди на квалитетот на услугите што треба да ги испорачува УЈП кон даночните обврзници, додаде директорката на УЈП. хс/дма/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан