• петок, 22 ноември 2024

Референдумската одлука за влезот на Молдавија во ЕУ неизвесна, претседателката Санду обвинува за странско мешање

Референдумската одлука за влезот на Молдавија во ЕУ неизвесна, претседателката Санду обвинува за странско мешање

Кишињев, 21 октомври 2024 (МИА) - Референдумот во Молдавија за тоа дали да го промени уставот и да се заложи за влез во ЕУ што се одржа во текот на вчерашниот ден „виси на конец“, при што процентот на гласовите „за“ и „не“ речиси е еднаков.

Во моментов 49,9 отсто од гласовите се за „да“, а 50,1 отсто од гласовите се за „не“, со преброени околу 97 отсто од гласовите. Тоа е резултат што малкумина го очекуваа, бидејќи неколку неодамнешни анкети сугерираа дека гласањето за влез во ЕУ сигурно ќе победи.

Актуелната проевропска претседателка Маја Санду претходно го осуди тесниот резултат како „производ на странско мешање во молдавската политика“.

Таа рече дека тоа е „напад без преседан врз демократијата“, мислејќи на широко распространетите наводи дека Русија им плаќала на луѓето да гласаат на одреден начин, што Москва го негира.

„Криминални групи, кои дејствуваат заедно со странски сили, непријателски настроени кон нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда со цел да ја заробат во неизвесност и нестабилност“, рече Санду во Кишињев.

Санду, исто така, рече дека нејзината влада има „јасни докази“ дека биле купени 300.000 гласови, што таа го нарече „измама без преседан“.

„Ги чекаме конечните (изборни) резултати и ќе одговориме со силни одлуки“, изјави Санду. Кремљ ги отфрли обвинувањата за купување гласови.

Санду беше прва во првиот круг, но со многу помала разлика од очекуваното - 41отсто од гласовите - така што сега ќе се соочи со тежок втор круг на почетокот на ноември, каде што нејзините противници најверојатно ќе се обединат против неа.

Втор е Александар Стојаногло, кој е поддржан од проруската Социјалистичка партија, која освои речиси 30 проценти, повеќе од очекуваното. Ако другите кандидати го поддржат Стојаного пред вториот круг, Санду би можела да се изложи на реален ризик да не биде реизбрана.

Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека гласањето мора да се продолжи во Москва и на две избирачки места во Романија и едно во Франција поради големиот број гласачи. До затворањето во 21 часот на гласачките места се јавиле 51 процент од гласачите и по тој основ референдумот е валиден.

Овие избори се клучни тестови за земјата, која се соочува со избор помеѓу продолжување на членството во ЕУ или одржување блиски врски со Русија.

Молдавија во моментов е во преговори со ЕУ за членство. Пристапните преговори ќе продолжат и покрај исходот од референдумот, бидејќи тој не беше правно обврзувачки. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан