• понеделник, 23 декември 2024

Регионална конференција за иновативни пристапи во борбата против сивата економија

Регионална конференција за иновативни пристапи во борбата против сивата економија

Скопје, 11 декември 2024

Изминатите два дена во Скопје, претставници од министерствата за внатрешни работи, царинските управи, пазарните инспекторати и други институции од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора зедоа учество на регионална конференција за иновативни пристапи во борбата против сивата економија, нелегалната трговија и нарушувањето на интелектуалната сопственост.

Конференцијата беше организирана од Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам Северна Македонија) и Американската стопанска комора во Србија (АмЧам Србија), со цел да се зјакнат и продлабочат регионалните врски помеѓу самите институции, како и помеѓу јавниот и приватниот сектор, во насока на ефикасно сузбивање на сивата економија.

На првиот ден од конференцијата се одржаа работилници во форма на тркалезни маси на кои учесниците разменија најдобри практики и ги разгледаа најголемите предизвици во области како што се складирањето и уништувањето на запленета стока, соработката со носителите на правата на интелектуална сопственост, примената на нови технологии и иновативни решенија во работата на надлежните органи, како и прашања на меѓусекторска и меѓународна соработка.

На првата панел дискусија учествуваа претставници на министерствата за внатрешни работи од земјите-учеснички, кои ги споделија своите искуства за најновите трендови и клучните резултати во борбата против нелегалната трговија и криминалните измами. На дискусиите од панелот се надоврза презентација за можностите кои ги нуди автоматската обработка на податоци со цел заштита на авторските дела, користејќи современи технологии.

Последниот панел од првиот ден беше посветен на клучните алатки и резултати од користењето на најновите технолошки решенија во откривањето на обиди на нелегална трговија, а претставници на царинските управи од регионот ги презентираа своите перспективи на оваа тема.

Вториот ден од конференцијата започна со предавање на Јаак Феугелен од Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), кој зборуваше за предностите што ги нуди соработката со меѓународните агенции во борбата против различните форми на измами во општеството. Конференцијата беше заокружена со панел дискусија за заштита на интелектуалната сопственост, со акцент на моделот на јавно-приватно партнерство во унапредувањето на правата на интелектуална сопственост.

Дискусиите и предавањата во текот на дводневната конференција треба да им помогнат на релевантните национални институции да ја продлабочат регионалната и меѓународната соработка со колегите од другите земји и со приватниот сектор, со цел примена на најдобрите практики и технологии за ефикасна борба против различните форми на сива економија, измами и нелегална трговија.

За АмЧам Северна Македонија и АмЧам Србија

Американската стопанска комора во Северна Македонија и Американската стопанска комора во Србија се акредитирани членки на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и се составен дел од мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.

 

АмЧам Северна Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан