• понеделник, 23 декември 2024

Реакција на Јадро - Асоцијација до Министерство за култура и Град Скопје

Реакција на Јадро - Асоцијација до Министерство за култура и Град Скопје

Скопје, 15 јуни 2023 

Јадро - Асоцијација на независната културна сцена ја упатува оваа реакција до Министерството за култура и Град Скопје за итно решавање на проблемите на претставниците на независниот сектор во културата:

• Министерството за култура итно да објави конкурс за Програмата на Креативна Европа,
• Град Скопје итно да ги објави резултатите од конкурсот за проекти во 2023 година, и
• Министерството за култура навремено да врши исплата на надоместоците за
самостојните уметници.

Независниот културен сектор како главен носител на културните активности во земјава своите активности ги заснова главно на Програмата на Креативна Европа. Навременото објавување на конкурсот за Програмата на Креативна Европа од страна на министерството е нужен предуслов
независниот сектор да може да ги планира своите активности. Министерството за култура е обврзано да учествува во кофинансирањето на проектите поддржани од оваа програма.

Град Скопје е должен итно да ги објави резултатите на Конкурсот за финансирање на програми, проекти и активности од областа на културата од интерес на Град Скопје за 2023 година објавен уште во октомври 2022 година. Години наназад овој конкурс на Град Скопје е со проблематична
транспарентност и исклучително ниски расположливи средства. Необјавувањето на резултатите е несериозно и неодговорно кон граѓаните на град Скопје!

Министерството за култура е должно навремено да ги исплаќа надоместоците на самостојните уметници. Секое доцнење на исплатите е дополнителен и неприфатлив финансиски притисок врз самостојните уметници. Досега се исплатени само првите три месеци од 2023 година, затоа итно бараме да се исплатат и последователните три месеци (април, јуни и јули). Од тоа страдаат уметниците, страда нивната уметност и страда културно-уметничкиот живот во државата.

Ги повикуваме Министерството за култура и Град Скопје на одговорност и доследност во поддршката на независната културна и уметничка сцена. Ова е одговорност не само кон културно-уметничките работници, туку е одговорност кон сите граѓани и даночни обврзници.
Сите заслужуваме богата и достојна културно-уметничка сцена! Јадро - ќе достави допис до институциите во текот на денешниот ден.

ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена 

___________________________________________________________________________

 МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото ЈАДРО

 

Остани поврзан