• понеделник, 12 август 2024

Реакции во Србија по вчерашниот голем протест во Белград против ископ на литиум

Реакции во Србија по вчерашниот голем протест во Белград против ископ на литиум

Белград, 11 август 2024 (МИА) – 
Златко Кокановиќ од Не дамо Јадар синоќа најави дека денеска на различни места во Србија ќе започне блокадата на уште три до пет точки на железничкиот сообраќај. Кокановиќ во моментов заедно со други демонстранти и активисти е пред полициска станица, каде што се уапсените активисти. Тој изјави за белградски медиуми дека полицијата ги прекршила сите законски услови за притвор и дека доколку одреди притвор, ќе ја покани пошироката јавност да се придружи на понатамошни демонстрации.
==========

Движењето Крени-Промени соопшти дека на синоќешниот протест во центарот на Белград поради најавата за ископ на литиум присуствувале повеќе од 119.000 граѓани. Тие во објава на социјалната мрежа Х изјавија дека до тие податоци дошле со помош на апликација за „броење на толпа на јавни настани“.

„Барањето на протестот е да се донесе забрана за ископ на бор и литиум. Народната иницијатива од над 38.000 потписи беше поднесена до Народното собрание во мај 2022 година. Со тоа што народната иницијатива не се стави на гласање во Собранието, прекршен е Уставот на Србија бидејќи парламентот е должен да одлучи за таа иницијатива во рок од шест месеци“, соопштија од движењето.
===========
Поранешниот премиер и министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ денеска им порача на граѓаните на Србија дека немаат причина за страв бидејќи нема да има ископ на литиум.

„За да се утешат граѓаните, нема да има ископ на литиум. Тие решија да ги повлечат парите што сакаа да ги дадат“, рече Живковиќ, кој како поддршка дојде пред полициската станица  каде што се чека исходот по апсењето на демонстранти и активисти. Живковиќ апсењето на активистите го оцени како дивеење на режимот и дрскост, бидејќи, како што истакнува, протестите биле чисти и мирни.
„Се сеќавам на протестите на кои учествуваше тој таканаречен Вучиќ, на кои беа палени амбасади, но тој не заврши во затвор или психијатриска установа, каде што посоодветно ќе биде отколку во затвор, изјави Живковиќ српски медиуми, пренесе ТВ Н1.
==============
Арис Мовсесијан од Движењето на слободни граѓани го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ да ги ослободи сите приведени за време на блокадите на железничките станици во Прокоп оценувајќи дека ова е чин на добра волја за смирување на страстите во овој момент. На прашањето како гледа на тоа што демонстрантите ја блокираа пругата, вели дека тоа е нивен протест, „опозицијата не се мешала во организацијата, тие имаат право на свој начин да прават мирни протести“.
зш/

Остани поврзан