• среда, 27 ноември 2024

Раководството на Занаетчиската комора на Северна Македонија во обиколка на занаетчиите од охридската чаршија 

Раководството на Занаетчиската комора на Северна Македонија во обиколка на занаетчиите од охридската чаршија 

Охрид, 6 октомври 2023 (МИА) – Раководството на Занаетчиска комора на Северна Македонија предводено од претседателот Агрон Фазлији и претседателот на Собранието на комората и потпретседател на регионалната занаетчиска комора во Охрид, Александар Крстев,  денеска беше во посета на занаетчиите и самосталните вршители на дејност во Охрид. 

Тие се сретнаа со некои од заначетчиите од Охрид, со нив разговараа за тековното работење, за новитетите и мерките за поддршка доделени од Министерството за економија како онаа за набавка на репроматеријали и алат, но и за нивните проблеми во работењето.

- Посетивме неколку занаетчии во чаршијата во Охрид, при што ни беше укажано на прескапата фирмарина на локално ниво, и тоа шест илјади денари наместо согласно тарифникот што предвидува таа да изнесува две илјади денари, рече Фазлии.

Тој најави дека регионалната комора ќе се заложи фирмарината на занаетчиите од Охрид да се пресметува согласно тарифникот.

- Охридските занаетчии се дел од македонската традиција, култура и материјално наследство и затоа треба да посвети внимание на условите во кои тие опстојуваат. Некои од занаетите изумираат, така што мора не само комората туку и државата и власта да имаат сенс за подршка за нивно опстојување, рече Фазлији. 

Износот на фирмарината за занаетчиите се определува на локално ниво. Регионалната комора на занаетчиите од Охрид своевремено издејствува занаетчиите да плаќаат паушал за занаетчиска дејност односно фирмарина во износ од 500 денари.

-Треба да се направи јасна дистинкција меѓу индустријалец односно заначетчија. Вршителите на занаетчиска дејност треба да ги уживаат бенефитите како членови на Занаетчиската комора. Според Правилникот за плаќање фирмарина и вршителите на занаетчиска дејност кои не се паушално оданочени треба да плаќаат по две илјади, а не шест илјади денари фирмарина, рече Крстев.

Како друг проблем со кој се соочуваат занаетчиите е посочена скапата односно индустриска тарифа на електрична енергија,што според раководството на Комората е небулоза.

-Не може еден фен за сушење коса од фризерски салон или кондураџија да биде третиран како индустрија и да плаќа индустриска струја. Тоа е спротивно на Законот за занаетчиство. Како Комора имаме испратено забелешки до Владата, ресорните министерства на таквиот однос кон занаетчиите. Верувам дека државата ќе најде солуција како овие дејности би биле тарифирани со пониски давачки кон државата, рече Фазлији.

На крајот на тековната година на одредени занаетчии ќе им бидат доделени награди како чувари на традицијата, меѓу кои и семејството Филеви како сертифициран изработувач на охридски бисер. аб/нд/

Фото: МИА

 

 

-           

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан